Бејли и Бочварски за првите денови од новата штипска власт

 Штип, 13.12.2017

Во Штип денеска престојуваше амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли. Кон средината на денот амбасадорот Бејли оствари средба со градоначалникот Благој Бочварски, а потоа пред студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ одржа предавање за корупцијата.

На средбата градоначалникот и амбасадорот разговараа за текот на настаните околу преземањето на локалната власт во Штип, при што градоначалникот информираше дека и покрај лошата финансиска состојба во којашто ја затекнал општинската каса, платите за вработените во локалната администрација биле исплатени во законски предвидениот рок.

Untitled3Градоначалникот Бочварски го информираше амбасадорот Бејли дека во рок од неполн месец, Општина Штип обезбеди 16 милиони денари парични средства за изградба на детска градинка, којашто ќе биде прва детска градинка изградена во градот во изминатите триесет години.

Во текот на средбата се разговараше за тековната работа на Општината, за можностите и перспективите коишто Општина Штип ќе им ги обезбеди на младите, како и за предвидените проекти со коишто ќе се подобрат условите за живот на сите граѓани.

На крајот од средбата, градоначалникот на Општина Штип, Бочварски, му додели на амбасадорот на САД, Бејли, плакета во знак на благодарност за дадениот придонес за враќање на демократските вредности во Република Македонија.

На УГД, пред преполна сала, амбасадорот Бејли одржа интерсно предавање за корупцијата. Неговото живo и живописно излагање предизвика голем интерес кај присутните кои посатвија безброј прашања сврзани со корупцијата како проблем кој сериозно го нагризува нашиот општествен организам.