Бизнисот со бугарски пасоши тежи 6-7 милиони евра!

Штип, 23.08.2017

  • Секој ден по околу 50 нашинци се носаат со комбиња и автомобили во Бугарија, посредниците добро заработуваат зашто целиот бизнис по човек вреди 400 евра…

 Направени се истражувања и анализи кои укажуваат на афктот дека од истокот на државата во последните две децении е иселен цел еден град од форматот на Штип, односно околу 40.000 жители. Речиси сите тие во развиениот западен свет заминале со  бугарски пасоши. На оваа тема со години се пишувани новинарски стории, но иселувањето не само што не запира туку продолжува со истиот интензитет.

Едно прашање во целата оваа невесела македонска приказна никогаш не е елаборирано. А тоа е прашањето колку, на годишно ниво, тежи бизнисот со бугарски пасоши и кој него го работи.

Соговорник кој не сака да му се споменува името тврди дека со овој бизнис најмногу се бават струмичани и делчевци. –„На дневна основа комбиња и приватни авотмобили најмногу од Струмица, а потоа од Делчево и делчевско кон Бугарија носат по 50 наши граѓани за кои посредуваат во добивање бугарски пасоши. Можноста да се добие бугарски пасош чини 400 евра по човек. Обична математика ќе покаже дека на годишно ниво овој бизнис тежи од 6-7 милиони евра. Сега се поставува прашање колку пари од овој колач останува на посредниците, дали тие на овие пари плаќаат даноци, дали бизнисот со кој се бават е легален или не“, ни рече соговорникот.

Оваа појава ја испусти источна Македонија. Јагмата за бугарски пасоши сеуште трае, посредниците трлат раце, оние кои нив ќе ги добијат се радуваат како да добиле седмица на лото.

Во 2015 година на оваа тема за Утрински весник разговаравме со Делчо Гошев (64 години) од делчевското село Ѕвегор. Гошев отворено ни кажа дека со оваа работа се бави  петнаесет години. Тој им ги средува документите на нашинците, има комбе и со него им прави услуга носејќи ги во Бугарија за да си ја остварат желбата.

Тогаш Гошев ни рече дека Струмица, па по неа Делчево, Виница, Македонска Каменица, Кочани, Пехчево, Берово се општини чии жители во најголем број бараат бугарски пасош. Речиси без исклучок сите тие го сакаат пасошот на соседната држава од економско-егзистенцијални причини. Над 75 проценти од жителите на општина Делчево и речиси исто толку од жителите на Виница поседуваат бугарско државјанство. –„Опустеа општинските центри, селата, млади луѓе во нив речиси и нема, бугарско државјанство бараат државни службеници, бизнисмени, образовани млади луѓе, момчиња и девојки со понизок степен на образование, млади но и возрасни жители на овие наши предели. Сите велат дека тука не можат да опстанат, иако добар дел од нив биле вработени но платите им биле многу мали“, вели Гошев.

За да се добие бугарско државјанство, Бугарија бара заинтересираното лице да обезбеди документи за своите бугарски корени. Гошев тогаш ни рече (а досега ништо не е променето) дека нашите луѓе бугарските корени ги наоѓаат во документите на своите родители од 1941-1945 година кога сите лични документи биле пушувани на бугарски јазик. Ако тој услов се исполни, а тоа не е тешко, тогаш за бугарско државјанство се чека од 12 до 18 месеци. Целиот овој процес чини околу 400 евра, иако има и измамници кои од лесноверните и оние кои не се упатени во процесот им земаат и по 1.500 евра.