ВИНИЦА: Во сабота учениците во училиштата, “Тодорови трки“ одложени за една недела

Виница, 14.03.2019

Наместо во сабота 16 март, како што беше првично најавено, традиционалната манифестација “Тодорови трки“  се одложува за 23 март следната сабота. Одложувањето е заради одлуката на Министерството за образование и наука, 16 март да биде работен ден за училиштата со оддржување редовна настава за учениците.

Градскиот стадион во Виница
Градскиот стадион во Виница

Имајќи го во предвид фактот дека Тодорови Трки е настан во кој главни учесници се токму учениците, општина Виница согласно оваа одлука на Министерствотото, го поместува датумот за оддржување на трките. Според најавите, во рамките на манифестацијата е планиран музички хепенинг и натпревар во сите традиционални дисциплини; трчање, возење велосипед; влечење јаже; одење на патерици; трчање со врзани очи; одење назад; јадење тортини; како и трка со коњи.

И годинава приватниот сектор од општината има обезбедено вредни награди кои ќе бидат врачени на тројцата најдобри натпреварувачи во секоја дисциплина.

Според најавите, стартот на Тодорови трки во сабота на 23 март ќе биде во 11 часот на Градскиот стадион.