ДЕЛЧЕВО: Започна изградбата на пешачкиот мост на Брегалница

Делчево, 06.12.2018

Денеска во Делчево фирмата „Жикол“ која го доби тендерот за изградба на првиот пешачки мост во Делчево на реката Брегалница беше воведена во работа. Претставници од фирмата беа на работен состанок во Општина Делчево на кој присуствуваа претставници од Општина Делчево и градоначалникот Горан Трајковски, како и претставници од Центарот за развој на ИПР и фирмата надзор на проектот „ГЕОИНГ“ од Делчево. На состанокот беше презентиран проектот за изградба на мостот, по што беше направен увид на локацијата, каде ќе се гради овој инфраструктурен проект.

47508289_383509252190155_6720855551669960704_nПрвиот пешачкиот мост во Делчево ќе се гради од челична конструкција, со должина од 60 метри, распон од 42 метри и ширина на пешачката патека од 3 м.  Александар Николов, координатор на проектот од Центарот за развој на ИПР, истакна дека  фирмата „Жикол“ има обврска во рок од 6 месеци да го изгради мостот  квалитетно и навремено.

-Вредноста на електронската аукција е 8, 2 мил денари. Околу 61 процент е учество од ИПР, преку Бирото за регионален развој, а  останатите 39 проценти се кофинансирање од Општина Делчево. Мора да истакнам дека реализацијата на овој проект е резултат на добрата соработка со Општина Делчево и градоначланикот на Општина Делчево, Трајковски, истакна Николов.

Градоначалникот Трајковски потенцираше дека се решава децениска потреба на граѓаните на Делчево. -Денеска можеме да истакнеме дека  почнуваат со имплементација проектите кои ги работевме изминатиот период и наредната година ќе имаме позабрзана градежна офанзива. Овој мост ќе го поврзува стариот со новиот дел на градот со што, освен што ќе биде и украс на градот, тој ќе биде дел од туристичкиот пакет на Делчево. А ќе има дополнителни инвестиции околу уредување на просторот и патеките кои водат до мостот, рече Трајковски.

Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која ќе се поврзат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда со изградба на пешачки мост на река Брегалница во Делчево“ и е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа на Р.Македонија, Биро за регионален развој, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година