ДЕЛЧЕВО: Потпишан Договорот за изградба на пешачкиот мост на Брегалница

Делчево, 27.11.2018

Делчево добива пешачки мост на реката Брегалница. Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, директорката на Центарот за развој на ИПР, Драгица Здравева и управителот на  ДГТ„ Жикол“ ДООЕЛ во Скопје,  Никола Пандев, го потпишаа Договорот за  изградба на пешачки мост на река Брегалница во Делчево.

Договорот е потпишан во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда со изградба на пешачки мост на река Брегалница во Делчево“. Проектот е финансиран од страна на Бирото за регионален развој на Р.Македонија преку Центарот за развој на Источниот плански регион. Вкупниот буџет на проектот изнесува 8.160.036 денари со ДДВ од кои 60,4% ќе се обезбедат од Министерството за локална самоуправа-Биро за регионален развој, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, а Општина Делчево како партнер ќе обезбеди 39,60% од буџетот на Општина Делчево за 2018 година. Мостот ќе се гради со челична конструкција.

Изведувачот работите е предвидено во рок од 7 дена од потпишување на Договорот да ги започне работите на терен, да ги заврши во рок од 6 ефективни  месеци, односно до крајот на месец јуни, идната година.

Мостот покрај неговата основна намена да обезбеди можност за пешаците полесно да пристигнат до основните училишта, детската градинка, општината, автобуската, ќе биде и во функција на туристичка понуда на Делчево.