ИЛИЈЕВ: 100 дена работа со целосно вклучена јавност

Кочани, 08.02.2018

„Изминативе сто дена на новата локална власт беше период исполнет со  предизвици и неопходно големо залагање за подобрување на затекнатите состојби во Општината и во локалната средина. Се определивме за одговорност и законито работење; за почитување на принципот на транспарентност“, изјави градоначалникот на Кочани Николчо Илијев давајќи отчет за првите сто дена од работата на новата општинска власт.

Според Илијев, новата власт наместо да одлучува во четири очи како што тоа било принцип порано, за важните прашања од животот на градот, општината и граѓаните решава преку дебата во Советот на општинта и по пат на вклулување на јавноста.

„Само така можевме ефикасно да одговориме на барањата и на потребите на граѓаните. Работевме отчетно зашто граѓаните мора да знаат што сработила нивната општината и каде  се трошени нивните пари“, посочи Илијев.

Спореед првиот граѓанин на Кочани во првите сто дена започнале да се решаваат проблемите со сообраќајот, за што како долгорочно решение се проектира катна гаража во Градската четврт 6. Во тек е и елиминирањето на жариштата на нехигиена како и на подобрување на јавната чистота. Тука е и   успешното креирање проекти за настап по повици од програмите на Европската унија.

„Изминатиов период имавме интензивна домашна и меѓународна соработка. Целта ни беше и останува да ги подобриме состојбите во културата, социјалата, здравството, во патната инфраструктура и да ги продолжиме започнатите капитални проекти. Очекуваме финансиска поддршка од Владата за проектот за изградба на нова детска градинка во населбата Драчевик и за одобрување средства за почнување градбата на браната Речани – додава Илијев.

И покрај наследените непријатни финасиски околности, долгови по различни основи, нерационално, прекумерно трошење на крајот на претходниот мандат, градоначалникот на Кочани е уверен дека со чесно и одговорно работење,ќе дојдат добри резулати од интерес на заедницата.