Илчо не знае каде му се шахтите

Штип, 19.06.2017

Три дена екипа на ЈП „Исар“ се обидува да го санира големиот проблем со истекувањето на фекалии од градската канализација во дворот на уметничката галерија „Безистен“. И денес се работеше на теренот, а од погодената локација и понатаму се шири несносна смрдеа. И тоа во самото срце на градот.

00Сликата која изутринава ја видовме е шокирачка. Работниците трагаа по шахтите кои локалната власт на чело со Илчо Захариев, брзајќи да излакира и „уреди“ што поголем број градски улици, ги беше затворила со коцки или со асфалт. На фотографијата се гледа шахта која била покриена со коцки, а која е важна за решавање на спомнатиот проблем.

„На овој простор, од трафиката за весници кај старото кино до Безистенот има педесеттина метри, а четири шахти се забетонирани со асфалт или со коцки. Ниту една не е видлива. Затоа работниците од ЈП „Исар“ имаа проблем да ја најдат шахтата од задната страна на зградата на УЈП за да можат да работат“, ни рекоа луѓе кои имаат дуќани во тој дел од градот.

01Ефектот од итаницата на Илчо во што покусо време да го „усреки“ Штип со асфалт и коцки, при што се затрупани, забетонирани на стотици шахти, се виде и при последниот пороен дожд. Тогаш улиците станаа реки, а дел од нив беа прилично оштетени. Една од нашите фотографии говори за санирањето на улицата спроти управата на подружницата на ЕВН, улица која беше асфалтирана пред неколку месеци за сега одново да треба да се асфалтира.

Некој одамна има речено дека брзата кучка слепи ги раѓа, а ако притоа мислел и на штипскиот градоначалник секако дека не погрешил. (и. б.)