Научен тим ќе го советува Министерството за животна средина за амбиенталниот воздух

Дејан Мираковски

Штип , 14.04.2019

Научници од Универзитетот „Гоце Делчев“, факултетот ФИНКИ, ФЕИД, МАНУ, Фонд за иновации, Машински факултет Скопје и УНДП, како советодавно тело ќе му помагаат на Министерството за животна средина и просторно планирање во однос на амбиенталниот воздух. Ова е договорено на средбата на претставници на спомнатите институции со Јани Макрадули, државен секретар во спомнатото министерство.

-Формирањето на вакво тело го сметаме за неопходност бидејќи во оваа чуствителна област почесто јавно се изнесуваат податоци и бројќи од различни извори кои неретко се во голема спротивност едни со други па на тој начин јавноста нема тони и квалитетни информации за амбиенталниот воздух. Сведоци сме на различни интерпретации по однос на ова суптилно прашање, дел од компетентни дел од  сосема некомпетентни институции и поединци, поради што решивме дека е време работите во свои раце да си ги земе науката. Во таа смисла овој потег на МЗЖПП го сметаме за одличен, вели проф.д-р Дејан Мираковски, раководител на теренската лабораторија за животна и работна средина АМБИКОН (амбиентална контрола) при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип, кој е дел од научниот тим.

Според Мираковски, нашата држава има многу проблеми со својот амбиентален воздух, а проблемите се пред се во урбаните средини-градовите.

-Ние имаме индустриски капацитети кои го загадуваат воздухот во средините во кои се лоцирани, а во исто време имаме и не толку скапи технологии за филтрирање на димот кој излегува од нивните постројќи. Во таа смисла оценивме дека како советодавно тело можеме да помогнеме овој проблем да се реши на задоволство на сите што е една од нашите цели, посочува Мираковски.

Лабораторијата при штипскиот универзитет врши мерења на амбиенталниот воздух во четири наши градови: во Кавадарци на две локации, во Штип, Струмица и Скопје на по една, а до крајот на годината ќе биде поставена мерна станица и во Берово. Во Кавадарци, според Мираковски, на една локација се врши и хемиска анализа на наталожената прашина.-„Сакаме да видиме кој е предизвикувачот на таквата прашина, дали е таа од метали или од нешто друго. Целта ни е да го осознаеме проблемот, а кога тоа ќе биде така решението полесно ќе го најдеме“, тврди нашиот соговорник.

Во 2016 година АМБИКОН вршеше мерење на амбиенталниот воздух во Скопје, во декември месец нашиот главен град побарал ново поставување на мерни станици при што се врши мерење на загаденоста на улици кои собраќајно се многу фреквентни и на улици со помала сообраќајна фреквентност. Мерењата ќе траат до крајот на тековната година по што ќе бидат објавени и резултатите, а потоа една од мерните станици кои сега се во Скопје ќе се сели во Берово.

-Во обид сме да ги зголемиме можностите за анализа на хемискиот состав на цврстите честички кои лебдат во воздухот за што во тек е набавката на специјални делови за микроскопи и рентгени со што ќе добиваме уште поголема точност во нашите истражувачки активности. Целта ни е да дојдеме до нивото на кое по ова прашање денес се западните држави, укажува Дејан Мираковски.

Инаку, од четирите градови во кои АМБИКОН лабораторијата го мери квалитетот на амбиенталниот воздух најдобро стои Штип пред се поради постојаното струење на ветерот по котлините на реките Брегалница и Отиња. Затоа во овој град постои изреката дека никогаш не треба да прашуваш дали во него дува ветер. Такво прашање се смета за непристојно и говори за неинформираноста на оној кој тоа го прашува.