Повторно се отвора Локалниот музеј „Пијанец“

Делчево, 11.07.2018

На единаесеттата седница на Советот на Општина Делчево, мнозинството советници ја донесоа Одлуката за продолжување со работа на локалниот музеј „Пијанец“ кој ќе го чува историското, археолошкото, етнолошкото и палеонтолошкото богатство на Пијанец. Со оваа Одлука продолжува работата на локалниот музеј на град Делчево, се укинува постапката за ликвидација и престанува важноста на Одлуката за престанок со работа на Музејот на град Делчево донесена на 25.09.2009 година.

Како што истакна образлагачот на Предлог-одлуката, Ванчо Новоселски, Општина Делчево има потреба од ваква установа, а основањето на оваа институција беше со цел промоција на културното, природното и историското наследство од Пијанец, да се поттикнат и иницираат истражувања на теренот, а историското и природното наследство да остане во музејот што ќе ја збогати туристичката и културната понуда на градот.

Одлуката за продолжување со работа на Локалниот музеј во Делчево  беше една од 13-те точки на Дневниот ред на Советот на која советниците дадоа согласност за формирање паралелки со помал број ученици во ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Климент Охридски“, Одлука за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште за добивање одобрение за изградба на придружни и услужни објекти на гробишта – мртовечница – капела со ладилник и помошни простории на КП бр.6065 во КО Делчево, Одлука за дополна на Програмата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на Општина Делчево за 2018 година, Одлука за изработка на Урбанистичко-проектна документација-Проект за инфраструктура за усогласување на профилот на градска магистрална улица (Магистрален пат А3) со профилот за градска магистрална улица предвиден во Измена и дополна на Генерален урбанистички план (ГУП) Делчево од 14.11.2008 за град Делчево.

Советниците ги усвоија и одлуката за изработка на Урбанистичко-проектна документација-Проект за инфраструктура за усогласување на профилот на улица-делница од регионален пат кон Пехчево Р1302, предвидена со Измена и дополна на Детален урбанистички план за локалитет-Грамадна Делчево, со профилот за собирна улица, Одлука за одобрување финансиски придонес од буџетот на општина Делчево за спроведување на проектот за локална и регионална конкурентност за инвестирање во инфраструктура поврзана со туризам и поврзување со дестинациите, потпроект „Малешево-дестинација по мерка на туристите“, како и Одлука за поддршка и кофинасирање на проектот: „Изградба на придружни и услужни објекти на гробишта мртовечница-КАПЕЛА“ со ладилник и помошни простории“ во Делчево, општина Делчево во рамки на грантот од Проектот за подобрување на општинските услуги финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка).