Прецедателот “није одавде”: “Понудив помирување преку помилување”!?

Пишува:Веле Митаноски
Колумна на Веле Митаноски

Охрид,  29.12.2016

“Понудив помирување преку помилување на сите кои на еден или друг начин се вклучени во политичката криза, вели Ѓорѓе Иванов во новогодишното обраќање!”. Кој разбра разбра, кој не – нека допроучи, како професорот Иванов внесува нова терминологија во политичката теорија и практика.

“Ги повикувам на национално помирување. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни и подготвени за сите можни предизвици на нашето време”. Зошто да не: вообичаена фразеoлогија!

Но, гледајте: “додека не е доцна, повикувам на простување, помирување и сплотување околу државните интереси” – вели Иванов. Зошто да не: вообичаена фразелогија!Со мала додавка: не да е доцна, туку е одамна предоцна. Сите возови се поминати!?

Иванов вели: “повикувам, по којзнае кој пат да им ја вратиме моќта на институциите!! Зошто да не: вообичаена фразелогија! Освен, ако Иванов, како ексклузива и пример, ни ја нуди моќта на институцијата што тој самиот ја “обнаша”!?

“Ме обвинуваа дека сум го помилувал криминалот во Македонија. Но, помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот. Ако некој крадел, ќе мора да го врати украденото и да плати за стореното”!

Е, ова веќе не е вообичаена фразелогија, туку обид за лично “подзамивање”! Како тоа, “помилувањата воопшто не вклучуваа запирање на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот”? Која постапка, која конфискација, кои бакрачи? Прецедателот није одавде! Тој е три планини и пет мориња – отате сваровски судството!? Тој си се исчудува пред самиот себе си, а цел свет се исчудува, да не кажам се мајтапи со него.

Затоа, пак, не повикува и не подучува што е тоа одговорност.  Како што попот од на мрсна трпеза подучува да постиме во петок!

“Одговорноста, пак, не лебди во воздух. Таа мора да биде дел од политичката култура. Политичката криза покажа дека, за жал, во Македонија доминира културата на неодговорност” – вели Претцедателот!

Затоа тој: “ги повикува 6-те лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и да ја обноват посветеноста за европска и за евроатлантска Македонија.Ги повикувам што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на европската и евроатлантската агенда”.

Ги повикува, а “повикувачот”, го признава и го есапи, само една, или речиси – ниедна од партиите!?

Ај, да бевме само ние неодговорни. Се разбира, иземајќи го Иванов!

Неодговорното однесување на НАТО и на Европската Унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика – вели претседателот!

“Преѓи бриго на другога!”. “Перем руке после сваке бруке!”.

Со блокадите, вели, нам ни се ускратува правото на просперитет.
Повторувам, со блокадите ни се ускратува правото на просперитет.
Затоа, време е за поголема одговорност на Унијата кон Македонија.

Е, шуќур му текна: “Да престанат и нападите кон дипломатските претставници.
Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите (ишерет кон Груевски!).

Ама, затоа, “одредени политички лидери (укор кон Заев!) да престанат да се повикуваат и да ги злоупотребуваат имињата на амбасадорите во Република Македонија за да остваруваат свои цели”.

И на крајот (колку “да не се сетат Власите!”), “истовремено, го повторува и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции”.

А, не бил тој, крајот, еве го вистинскиот: “Ќе ги бранам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија од внатрешните и надворешните предизвици, закани и ризици. Ќе ги бранам Уставот и уставниот поредок на Република Македонија.

“И не помислувам да отстапам од тоа”.

Аферим, батко Ѓорѓиja!?