СВП, најстариот поетски фестивал во светот ја продолжува традицијата, преку видоизменето, хибридно издание

Струга, 29.Август 2020

– Со учество на дваесетина странски поети со видео читања, и уште толку домашни поети, како и  со интерпретацијата на антологиската „Т’га за југ“, од славниот стружанец Миладинов,  на македонски, албански, англиски и француски, синоќа, во хотелот Дрим во Струга, започнаа 59-те Струшки вечери на поезијата.

Во услови на пандемија, со максимално почитување на протоколите, најстариот поетски фестивал во светот ја продолжи традицијата, преку видоизменето или хибридно издание.

Повеќе за отворањето и денешните случувања, во прикачениот документ, каде што ќе најдете и фотографии, а дел од видео содржините на следниот линк

– „ Т`га за југ“ создадена во само-изолација станува препознатлив белег на Фестивал што во светски рамки ја остварува идејата за соборност и заедништво преку поезијата. И во времето на Студената војна и блоковската поделеност кога Струшките вечери беа место каде што и најлутите непријатели ги испраќаа поетите како емисари на мирот, и сега, во време на глобална пандемија кога поетите од странство принудно не се физички присутни, но се присутни со помош на современата технологија. Затоа сме ние тука, да го одржиме пламенот на Фестивалот и надежта дека следната година Струшките вечери ќе продолжат со својата вообичаена и препознатлива програма “ – рече Богомил Ѓузел на упатувајќи ја поетската порака до светот.

Поздравувајќи ги присутните директорот на фестивалот, Тодорче Тасевски, потенцираше дека организаторите, на  оваа изнудена дистанца, ќе и се спротивстават со моќта на поезијата.

-Уште од самите почетоци, да нѐ собере околу едно заедничко средиште од кое Поетот со неговата дарба ги преобразува зборовите во орудија на Убавината . Но, ќе се спротивставиме и со моќта на современата технологија да ја совлада оддалеченоста и да ни ги приближи и поетите што вечерва се спречени да присуствуваат физички. Па сите заедно, да го почувствуваме одново восхитот пред моќта на Зборот да го исполни со смисла Просторот што се протега меѓу нас и најоддалечените соѕвездија“ – нагласи Тасевски.

Денешниот втор ден на СВП започна со претставувањето на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ – Јовица Ивановски за стихозбирката „Човек“.

За него и неговата поетика говореше проф.д-р Соња Стојменска Елзесер, а стихови на англиски јазик ги читаше неговиот препејувач Зоран Анчевски.

Терминот за наградата „Браќа Миладиновци“ продолжи со претставувањето на петмината кандидати кои влегоа во најтесниот годинашен избор: Пајо Авировиќ за стихозбирката „На погрешната страна“, Андреј Ал-Асади за „Небесна геометрија“, Долорес Атанасова-Лори „Небо во кафез, Ива Дамјановски „Двоумење“ и Јосип Коцев „Музеј на чувствата“.

Добитникот на најпрестижното поетско признание за најдобра поетска книга меѓу два фестивала ќе биде соопштен утре, недела во 10 часот и 30 минути.

Традиционално, СВП во соработката со Агенцијата за иселеништво ја доделуваат и наградата „Стојан Христив“за најдобар поет од дијаспората.

Годинашен добитник е Тања Кармзова Костиглоа од Франција за нејзината збирка „Дваесет и еден грам“.

За наградата одлучуваше жири во состав: Христо Петрески (претседател, кој и ја претстави), Митко Гогов и Драгана Евтимова – членови.

Вечер, во 20.30 часот, е претставувањето на годинашниот добитник на „Златен венец“, израелскиот поет Амир Ор.

Во неможност да присуствува на фестивалот лауреатот и вечерва ќе има видео обраќање и поетско читање.

Стиховите на македонски јазик ќе ги интерпретира Зоран Анчевски кој  е автор и на препевот за ексклузивното издание на поезијата на Ор.

Ор е водечки израелски поет, писател и есеист, познат како главниот глас на новата генерација од светската книжевност. Автор е на 13 збирки поезија, од кои најнови се: „Плен“ – избрани песни 1977-2013 (2013), „Крилја“ (2015) и „Дете“ (2018). Неговите песни се преведени на 50 јазици и биле објавени во поетски списанија, антологии и книжевни веб-страници, како и во 33 книги низ Европа, Америка и во Азија. Негови романи се „Песната на Тахира“ (2001), фиктивна епопеја во стихови, и „Кралството“, роман за животот на кралот Давид.

Тој е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, како што се: писателската награда „Фулбрајт“ во 1993 година, признанието „Плејади“ седум години подоцна за неговиот „значаен придонес кон модерната светска поезија“, наградата „Бернстајн, „Премиерската награда за литература“ во 1996 година, наградата „Оенеум“ на Тетовскиот поетски фестивал во 2010 година, „Поетската награда за песна посветена на виното“ во 2013 г. од Струшките вечери на поезијата, меѓународната награда „Стефан Митров Љубиша“ од Градскиот театар „Будва“, наградата „Европски атлас на лириката“ во 2016, наградата „Светот низ поезија“ наредното лето од Блу Мет Монтреал за „неверојатната длабочина и квалитет на неговата поезија“, наградата „Европски Хомеров медал за поезија и уметност“ во 2019, неодамнешната награда за животно достигнување на директоратот „АКУМ“, како и бројни стипендии од Универзитетот Ајова, Еврејскиот институт на Универзитетот Оксфорд, Фондацијата „Валпараисо“ од Шпанија, „Замок Хоторнден“ од Шкотска, Ирската фондација „Хајнрих Бел“, Фондацијата „Ле Трел“, како и „Прага, град на културата“ на УНЕСКО, меѓу другите.

Вечерта ќе биде заокружена со видео претставување на поети од европската поетска платформа Версополис, чиј член е и СВП, а потоа следи и поетски слем со петмина македонски поети.

Веле Митаноски