Со благослов на ДПМНЕ Штип оди на референдум за бегалците!

Советниците на СДСМ ја напуштат седницата под будното око на нивните колеги од вемерето

Штип, 05.09.2017

  • СДСМ обвини за вмровска манипулација со граѓаните на Штип, претседателот на Советот Влатко Миташев забележа дека народот не може да се манипулира но и додаде дека „малку е незгодно оти на вака важна седница го нема градоначалникот“.

Советниците од ВМРО ДПМНЕ донесоа едногласна одлука Штип да оди на референдум по прашањето за доселување на 5.000 сириски бегалци во градот под Исарот. Одлучено е референдумот да се одржи на  15 октомври годинава, кога граѓаните на Македонија ќе гласаат и за нова локална власт.

Иако на вонредната седница на Советот на општината никој не понуди аргумент за доселување во Штип на 5.000 бегалци од Сирија, сепак мнозинството во Советот го даде резултатот. Референдум ќе има!

Јани Миланов, координатор на советничката група на СДСМ, праша зошто седницата е титулирана како вонредна и кои тоа вонредни околности настанале за такво нешто. Одговорот стигна од претседавачот на Советот Влатко Миташев кој рече дека повонредни околности од доселување на 5.000 страни, и тоа „не било кои и не било какви“, тој не гледал.

По седницата на прес конференција советничката група на СДСМ даде посебно видување на целата ситуација
По седницата на прес конференција советничката група на СДСМ даде посебно видување на целата ситуација

„Манипулирате со народот. Вашиот став за некакво доселување на бегалци е манипулативен и неаргументиран. Ако сакате референдум по ова прашање, тогаш да го направиме во некој друг ден, недела пред или недела по изборите, за да нема манипулации. Во такви околности ние ќе го повикаме нашето членство и сите граѓани да излезат на еден таков референдум“ , предложи Миланов, но тоа не беше прифатено (очекувано) од владеачкото вмровско мнозинство.

Одговорот на Миташев беше дека тој ден е избран поради потребата да не се прават дополнителни трошоци.

Од СДСМ, чии советници го напуштија гласањето, најавија дека ќе ја оспорат оваа одлука бидејќи за да се стави такво нешто на дневен ред требало да има барање со потписи на 1/3 од советниците, што значи 8, а имало само 7 потписи. Покрај тоа советниците од опозицијата излегоа со став дека вонредни околности постојат само во сознанијата на ВМРО ДПМНЕ дека ќе ги загубат локалните избори, поради што степенот на тревога е кренат на максимални граници. „Се служите со мал милион манипулации за каква што ја сметаме и оваа одлука, но тоа нема да ви помогне да ги добиете изборите“, рече Миланов.

Беше забележливо за сите советници дека на една вака важна седница не присуствуваше градоначалникот Илчо Захариев. На тоа претседателот на Советот Влатко Миташев, сопартиец на градоначалникот, онака лефтерно забележа: „Малку е незгодно оти на вака важна седница го нема градоначалникот“. На таа забелешка немаше реплика ниту имаше одговор од било кого зошто го немало Захариев.