Холандскиот писател А. ден Долард остави ненадминати четива за убавините на Охрид и Македонија

Охрид, 7 февруари

– Со повеќе пригодни манифестации, охриѓани и пошироката културна јавност, денеска, одбележаа 118 години од раѓањето на големиот промотор на Охрид и Македонија, најплодниот холандски писател на сите времиња, А. ден Долард.

Централната манифестација се одржа во КИЦ „Култура 365“, каде, во негова чест,  се имаше поетско читање  и предавање за животот и делото на големиот пријател на Македонија, која во мислата и делата ја носел цели 6 децении.

Покрај во неговите извештаи за западните медиуми, најсилен траг оставил со романите: “Свадбата на седумте Цигани”,  ненадминато четиво за убавините на Охрид и Македонија, заедно со “Заедно е двапати сам”,  односно “Ориент експрес”, дело кое го осветлува  феноменот ВМРО, од основањето до времето на Ванчо Михајлов.

За животниот пат и творечкиот опус на А. Ден Долард, говореше писателот Мишел Јузмески, најдоследниот негов проучувачна балканските простори, основач на “Спомен – домот”  на Долард во Охрид.

Јузмески презентираше фрагмент од насловот “Холандска љубов и Македонија на Македонците”, каде Долард пишува:”Вљубувањата од раниот пубертет се најжестоките и најнезаборавните. Јас во Македонија бев вљубен од мојата четиринаеста година”.

Поетскиот поздрав, со прочит на песната „Монолог за А. ден Долард“, го направи поетот Тоде Илиевски, по што настапија поети од Охрид, Струга, Прилеп, Скопје и други градови.

А. ден Долард беше најголемиот промотор на Македонија во Кралството Холандија.

Во периодот помеѓу 1931 и 1994 година тој објави бројни книги и новинарски статии коишто беа инспирирани од неговите чести престојувања во Македонија.

Посебно изразена беше неговата љубов кон Охрид, за што е сведоштво култниот роман “Двадбата на седумте Цигани”, со над 40 изданија, на повеќе светски јазици, за што Долрда со децении беше еден од најчитаните автори во Холандија.

Делото кај нас е преведено како “Свада во Охрид”.

Поетите, денеска гопосетија неговиот паметник, на влезот во Холандскиот парк, како и спомен – собата, во рамките на КИЦ „Култура 365“.

Веле  Митаноски