Црвенкапа и збунетиот волк ги изнасмеаја децата во Делчево

Делчево, 30.11.2018

Громогласен аплауз и смеа ја следеше детската претстава „Црвенкапа и збунетиот волк“ во изведба на актерите од штипскиот Народен тетар  кој е во состав на Центарот за култура „Ацо Шопов“. Познатата тема за црвенкапа и волкот, адаптирана во современи услови, но раскажана од главниот лик во претставата Волчко, кој избегал од зоолошката градина и сакал да стане домашен миленик,  денеска во киносалата во Делчево ја проследија 500 дечиња, организирани во две последователни претстави.

За актерот  Миле Вратеовски, кој како актер прв пат гостува во Делчево, целта на претставата е остварена, најдобрата публика-најмладите ја прифатија претставата и со внимание ги следеа авантурите на волкот низ еден градски парк.

47295530_300274417276379_8371943204768972800_n-Атмосферата беше одлична, ние како актери сме задоволни што успеавме да ги насмееме децата и да донесеме една весела атмосфера. Прв пат играме во Делчево, и драго ми е што со една убава претстава ги израдувавме најмладите. Оваа успешна соработка со Делчево, најавува продолжение и идни гостувања на театарот од Штип во овој град и со други претстави кои ги имаме на драмскиот репертоар, рече Вратеовски.

Во Делчево, прв пат по подолго време гостува  професионален тетар со детска претстава чија премиера беше неодамна изведена во Штип.

Претставата „Црвенкапа и збунетиот волк“ е дел од кампањата „Денови на хуманоста-дарувај со љубов“ организирана по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 Декември и е во организација на Општина Делчево во соработка со двете основни училишта и детската градинка, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден, како и Здружението „Бравура кооператива“, Дневниот центар за лица со посебни потреби, Советот на млади и Комисијата за еднакви можности.