Четири години, 12 обвинети, 14 рочишта, пресуда нема

Штип, 23.06.2017

  • Дали, пред четири години, кога предизборната кампања за нова локална власт се наоѓаше во завршна фаза, беше направен груб политички фаул врз кандидатот на СДСМ Здравко Коцев?

zdravko-kocevПред четири години,  кога предизборната кампања за локалните избори беше во завршна фаза, група граѓани од Штип протестираа пред зградата на Фондот за здравствено осигурување. Протестантите тогаш рекоа дека тоа е резултат на фактот дека во многу институции, меѓу кои и спомнатата, поголемиот дел од вработените не си ја вршеле работат во интерес на граѓаните туку во интерес на партијата ВМРО ДПМНЕ.

Држејки во раце лист хартија со порака ОТПОР против партизацијата на институциите кои треба да одработуваат во корист на граѓаните, а не во полза на партијата, и кој ОТПОР беше организиран во поголем број градови, луѓето кои протестираа ги испратија своите пораки за по еден час мирно да се разотидат.

-Бидејќи правото на мирни граѓански протести е право кое го гарантира нашиот Устав ние бевме силно изненадени кога за многу краток временски период, речиси веднаш по протестот, добивме покани за на суд. Kривична пријава за наводно реметење на јавниот ред и мир ни поднесе штипската полиција. Јас бев првопријавениот од вкупно 12 лица кои беа опфатени со  пријавата. Во тоа време јас бев кандидат за градоначланик на Штип, а дали целата таа работа, тоа што ни беше „залепена“ кривична пријава има нешто со овој момент не можам да знам но на такво нешто имам право да се сомневам, вели Здравко Коцев, поранешен лидер на СДСМ и кандидат за градоначалник на последните локални избори во Штип кои се одржаа на почетокот од 2013 година.

Од таа 2013 година кога беше поднесена кривичната пријава па се до денес во штипскиот Основен суд беа закажани вкупно 14 рочишта но ниту едно не се одржа! Во еден случај фалел некој од тужените, во друг немало претставник на подносителот на кривичната пријава. Во ова меѓувреме се смениле двајца судии а целиот процес, и по четири години е на самиот почеток.

Во меѓувреме Коцев како кандидат за градоначалник на СДСМ ја загуби изборната трка, а колку во тој пораз има удел целиот овој случај не е познато. Во овој период и Штип се подготвува за нови избори, а кај граѓаните постои надеж дека никој повеќе нема да се осмели да поттурнува вакви клипови за некој од кандидатите во изборниот процес.