Четири села од Кочанската котлина во проект на ЕУ за конкурентно земјоделско производство

Кочани, 16.09.2018

Спанчево, Соколарци, Чешиново и Чифлик, села во плодната кочанска котлина во која царува оризот, се дел од пилот проектот финансиран со пари од Европската унија. Проектот носи име „Консолидација, или окрупнување на земјоделските површини“.

„Поентата на овој проект е да дојде до окрупнување на плодното змејиште и на земјоделските производители, што би значело наместо по два хектари на дваесет места еден земјоделски производител сите свои ниви да ги има на едно место. Проектото започна да се реализира од есента минатата година, а како и секоја новост земјоделците и овој проект го дочекаа со многу скепса, што за нас е една нормална состојба. Но, се надеваме дека луѓето ќе сватат дека тоа ни е спасот ако сакаме да бидеме конкурентни на европскиот и светски пазар“, вели Горанчо Миладинов, раководител на Министерството за земјоделиие во подрачната единица Кочани.

41790404_336139636951669_2929418461832544256_n
Горанчо Миладинов

Според Миладинов, проектот предвидува размена на парцели и ново исцртување на границите на целото поле при што нема да има мал милион меѓи, а овој процес го вршат независни проценители.

„Потребно е најмалку 70 проценти од земјоделците да се согласат за овој проект да дојде до фаза на реализација. Ние редовно ги информиравме и информираме земјоделците за сите придобивки од евентуалната реализација на проектот“, посочува Миладинов.

Нашиот земјоделец е традиционалист и земјоделието го работи на начин како што го работеле нивните дедовци. Затоа во источна Македонија, на нивите, за време на сеидба ќе се  видат илјадници трактори кои се користат не повеќе од два месеци во годината, а иста е состојбата и при жетвата со другите аграрни машини. Експертите велат дека е време за квалитетни промени кои, според нив, со евентуалното влегување на Македонија во ЕУ сигурно ќе се случат.