Штипските пожарникари со подобри услови за работа

53

Штип, 18.05.2018

Мај е месец на пожарникарите, а штипскиот градоначалник Благој Бочварски беше во еден вид „инспекција“ во Територијална противпожарна единица. Таткото на градот прво им го честита денот а потоа иизврши увид во опременоста на единицата.

Q2„Она што посебно сакама да го кажам тоа е благодарноста за пожртвуваноста и професионалноста во извршувањето на секојдневни задачи и работни обврски на нашите пожарникари. Пожарникарството е благородна и доблесна работа, а сите ние како општествени чинители имаме обврска да ги вреднуваме резултатите од работата на пожарникарите. Дополнително, јас како градоначалник и ние како локална самоуправа во Општина Штип должни сме да им обезбедиме и добри услови за работа, што всушност и го постигнавме во изминатите шест месеци,“ посочи градоначалникот Бочварски.

Според Тони Атанасов, командир на ТППЕ Штип, во изминативе шест месеци во ТППЕ беа спроведени повеќе активности за подобрување на условите за работа, коишто одамна беа потребни.

„Дворот беше среден и хортикултурно уреден. Беше извршено реновирање на спалните, канцелариите и ходниците во ТППЕ. Двата ДАФ камиони беа комплетно сервисирани. Сервисирањето на овие камиони се прави за прв пат, а чинеше околу 300.000 денари. Во еден од овие камиони, односно ДАФ 45, беше ставен во употреба КАПС системот за гаснење со вода под притисок. Исто така, се забележува подобрување на дисциплината во ТППЕ, како и отворање на истата за граѓаните преку целомесечните активности по повод Месецот на пожарникарството, рече Атанасов.

 Тој му се заблагодари на градоначалнико за неговата посветеност во подобрување на условите за работа.

„Благодарејќи на градоначалникот Бочварски, ТППЕ Штип може да се пофали дека во изминатите шест месеци целосно ги среди возилата и сега располагаме со опрема во одлична форма и кондиција. Ние можеме да се справиме со сите предизвици кои нѐ очекуваат. Доаѓа летниот период, кога нашите активности се значително зголемени. Со вистинските професионалци коишто си ја знаат работата, а се дел од ТППЕ Штип, верувам дека ќе одговориме на предизвиците на соодветно ниво,“ истакна Атанасов.

Градоначалникот Бочварски информира дека Општина Штип аплицирала за проекти и грантови преку кои ќе бидат обезбедени средства за дополнително подобрување на условите за работа на пожарникарите.

„Има разни професии, секоја од нив си носи свои одговорности, предизвици, тежини, но ретко која ги краси карактеристиките на хуманоста, поривот да се помогне и целосната себепожртвуваност. За предизвиците со кои пожарникарите секојдневно се соочуваат потребно е не само знаење, туку и умешност, опрема, а се разбира и храброст, која е одлика својствена на пожарникарите. Наспроти сериозните и застрашувачки предизвици, стојат пожарникарите со нивниот ангажман, подготвеност, стручност и пожртвуваност за заштита не само на материјалните добра, туку и на човечките животи. Затоа сме ви неизмерно благодарни,“ им се обрати таткото на градот на пожарникарите.