ШТИП: ВМРО ДПМНЕ обвини за луксуз, СДСМ потсети на гордост

Штип, 22.01.2020

Владатата вчера одржа седница во Штип. Седницата започна во 17 часот, а многу предтоа техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите беа во посета на стопански организации, земјоделски стопанства во Штип и во Кочани.

Но, и овој настан кој предизвика значителен интерес во Штип не остана без на него критички осврт да даде опозициската ВМРО ДПМНЕ.

-Вчерашната седница на Влада во Општина Штип пластично ни го презентираше начинот на работа. Пристигнување со луксузни автомобили – на сметка на веќе постоечкиот сообраќаен метеж; посета на привилигирани компании – на сметка на оние кои не добиле грант за иновации; демонстрација на божемна работа – на сметка на манипулативните проекти за брана на р. Отиња или жичара на Исарот…

Парадирањето пред граѓаните не ги решава нивните проблеми, туку само го зголемува бесот кон рекетарите во фотелји. Штипјани веќе ја прочитаа оваа лоша игра на СДСМ, а вчерашниот нивен настап во нашиот град беше доказ за тоа што веќе се знаеше.

ВМРО ДПМНЕ ова го кажа иако на седницата на Владата беа и техничките министри и заменици министри од нивните редови кои од Скопје исто така допатуваа со автомобили зашто ако патуваа пеш сигурно со ден задоцнување ќе стигне на седницата.

Затоа пак, вообичаено, на ова видувае на опозицијата свој став искажаа од СДСМ:

-Вчера беше празник за Штип. За прв пат во историјата на градот највисокото тело на извршната власт одржа своја седница во нашиот град. Врвот на македонската Влада, техничкиот премиер, вицепремиерката за економски прашања, како и број и министри и заменици министри беа во градот на државотворните и донесоа големи, важни, државотворни одлуки.

На вчерашната седница на Влада во Штип и официјално беше донесена одлука за почнување со изградба на брана на реката Отиња. Таков успех, такво постигнување немало во сите мандати на сите советници и градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во Штип од нивното постоење па до сега.

И тоа ги боли, и со тоа не можат да се помират, па затоа излегуваат со бесмислени прес конференции. Наместо да се радуваат затоа што нашиот град е во подем во секоја сфера, тие шират пизма и лаги.

Наместо да се радуваат што со интеграцијата во НАТО ние создадовме идеални услови за брз раст и развој на нашите домашни компании, тие ги напаѓаат новоотворените работни места за нашите граѓани.

Колку и да плукаат отров во нивните јавни настапи, ние нема да се поколебаме.

Ние од СДСМ ќе продолжиме да работиме на создавање европски стандарди во секоја општествена област.

Ќе продолжиме да чекориме на патот на успесите и колективната благосостојба.

На прав пат сме!