ШТИП: И жителите на Почивало се поврзуваат со убав пат

Штип, 01.07.2019

Општина Штип доби средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, во висина од 20 милиони денари кои се наменети за асфалтирање на дел од локалниот пат кон село Почивало, во должина од 4 километри или 14.000 метри квадратни.

Се работи за пат кој беше долгогодишно барање на жителите во тие села, заради побезбедно движење до своите домови.

„Се работи за најтешката делница од овој пат, за којашто во контакт со граѓаните дојдов до сознание дека е најприоритетна и дека тоа е нешто кое навистина и било потребно, со цел да можат непречено да функционираат.Ние го добивме писмото со кое сме известени дека ни се одобрени 20 милиони денари плус ДДВ, или вкупно 23.600.000 денари (околу 390.000 евра), средства за изградба на овој локален пат,“ изјави градоначалникот Благој Бочварски.

Општина Штип ќе распише јавна набавка за избор на најповолен понудувач кој ќе ги врши градежните работи на овој локален пат Шашаварлија – Кошево – Почивало.