ШТИП: Комеморација во чест на депортираните евреи

Штип, 12.03.2019

Во Штип денес се одржа комеморациј во чест на 525 евреи кои беа депортирани пред 76 години. Во големата сала на општина Штип обраќање по повод овој настан имаа градоначалникот Благој Бочварски и претставникот на еврејската заедница во Македонија Пепо Леви. Настанот беше збогатен со приготна програма на учениците од ООУ„Димитар Влахов“ и Градски хор под диригентство на м-р Ивана Ѓурѓевиќ.

Одтаму голема поворка од народ се упати на марш до Споменикот на евреите пред Домот на култура „Ацо Шоов“ каде за голготата не еврејската заедница во Втората светска војна зборуваше проф.д-р Страшко Стојановски од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“.

53742489_2343294839035129_4604519380162707456_nВо продолжение го донесуваме прекрасниот текст на професор Стојановски посветен на штипските евреи и нивната трагика едно ретко четиво кое треба да се запамети за никогаш да не се заборави,

Еве го текстот  на професор Стојановски:

Сеќавањето како аманет

11 март 1943 година. Датум врежан во историјата на градот како симбол на болка и празнина.

53897073_2100499110240286_4793225206468444160_nСекој обид да се присетиме на трагедијата на Холокаустот во кој засекогашги изгубивме нашите сограѓани, се чини премал да се оддаде соодветна почит. Но меморијата и моќта на сеќавањето е наша света должност. Да се присетиме на Самуел, Јосеф, Моис, Давид, Ана, Луна, Стела…, да се присетиме на сите останати 651 депортиран Евреин од Штип, затоа што ова не се едноставни имиња и бројки, туку човечки судбини. Овие наши сограѓани се радувале, се веселеле, но и тагувале заедно со нашите претци. Тоа се нашите соседи и пријатели.

Историската одговорност на окупаторите и фашистичките колаборационисти е добро позната. Бугарските окупациони и административни власти, иако имаат заслуга за зачувување на Еврејската заедница во Бугарија, имаат и историска одговорност за депортацијата на Евреите од областите кои беа под нивна окупација. Штип и Еврејската заедница во градот не се исклучок. Во градот повеќе не зе зборува ниту јидиш, ниту ладино. Еврејското маало под Исарот остана засекогаш празно за една култура и цивилизација, за една заедница која толку многу дала за целиот свет. На крајот, сѐ завршува во пламенот на Треблинка и болна тишина….празнотија…

Верувајте, сите оние кои го читате текстот, многу е тешко да се сосредочи мислата и да се напише колумна за болката, за оние кои не сме ги сретнале, а нивните потомци можеле да бидат тука, со нас…денес…

Но останува нашата должност да се сеќаваме! Затоа, мои студенти, колеги, професори, мои штипјани и драги пријатели, минувачи и намерници, кога поминете покрај споменикот на депортираните Евреи, нашите сограѓани, застанете, прочитајте ги имињата, поклонете се….присетете се дека на просторот на денешните предавални на Правниот факултет била тогашната синагога…дека тука, на Шабат, на Јом Кипур, на Ханука имало луѓе кои се молеле на Бога…на истиот бог од стариот завет од кој извира и христијанството и исламот…

Меморијата е можност да го оживееме минатото и од истото да научиме со цел никогаш да не се повтори. Иднината лежи во младоста на новите поколенија и можностите од болното минато да изградиме мостови. Потомците и членовите на еврејската заедница кои потекнуваат од градот под Исарот и од Македонија, а се наоѓаат во Израел и низ целиот свет, се врската за надградба на сеќавањата. Општината може да ги зацврсти ваквите врски преку збратимување со општини во Државата Израел и воспоставување на потесна и перманентна соработка. Исто така, Универзитетот „Гоце Делчев“, треба да ја искористи можноста за соработка со Универзитети во Израел, особено во рамките на техничките факултети, земјоделието и образованието. Дел од универзитетскиот кадар веќе реализира студиски претстои и се обидува да ја ефектуира ваквата идеја. Во иднина, убеден сум дека ќе се развијат конкретни форми на соработка со вклучување на студенти, како најголем ресурс и потенцијал од регионот.

Аманетот останува на следните генерации, да работиме чесно, да бидеме успешни, да ја направиме Македонија подобро место за живеење и да се сетиме…на Дона, Моше, Мириам, Јаков, Арон…затоа што ова не се само имиња, туку човечки судбини…тоа се наши сограѓани…