ШТИП: Од Нова година нови, повисоки цени за паркирање

Штип, 30.11.2018

Од почетокот на 2019 година во Штип ќе се плаќаат повисоки цени за паркирањето на возила на обележените 729  паркинг места во градот. Ваква одлука донесе Советот на општината, а на основа на анализатата и барањето на ЈП „Стипион“. Сепак повисоките цени не се однесуваат на сите можности за користење паркинг простор.

Според Сашко Протогеров, директор на ЈП „Стипион“, користењето јавен паркинг простор за првиот час од 20 денари и за секој нареден од 15 денари останува како и досега.

Надоместот за целодневно паркирање се зголемува од 60 на 80 денари.

Како и досега останува цената и за користење на паркинг простор од страна на станарите кои живеат во станови покрај кои има улици со обележани паркинзи. Цената на месечно ниво беше и останува 160 денари, а на годишно 1.000 денари, како што е и сега.

Од 160 денари месечно, односно 1.000 денари годишно на 400 денари месечно, односно 4.000 денари годишно се менува цената за користење паркинг место од страна на физички лица вработени во правно лице со седиште на адреса каде е предвидено паркирање. На оваа позиција е најголемо зголемувањето, истото е оправдано со фактот дека годишни карти за користење ваков паркин имаат 2,5 лица за едно место кои секој ден се „борат“ за свое парче паркинг.

За доставните возила цената за паркинг се зголемува од 320 денари месечно, односно 2.000 денари годишно на 400 денари месечно, односно 4.000 денари годишно.

Универзалната карта од 400 денари месечно, односно 3.000 годишно е зголемена на 600 денари месечно, односно 6.000 денари на годишно ниво.

Закупот на паркинг место е 52 денари од метар квадратен неделно.

На улицата „Ванчо Прќе“ едно возило може да се паркира максимум два часа, што не важи и за станарите на оваа (трговска) улица.

Во меѓувреме се укина платениот паркинг на околу 200 паркинг места во градот.