ШТИП: Работа активно бараат 2.227 лица, повеќе од половина се над 55 годишна возраст

Штип, 14.03.2019

Во општина Штип работата во однос на слбодната работна сила воопшто не е весела. Напротив, според аргументација до која дојдовме може да се заклучи дека овој регионален центар наскоро ќе нема што да понуди на пазарот на трудот.

Имено, според анализата на Бирото за вработување со која денес беа запознаени и советниците на седницата на Советот на општината, евидентирани се вкупно 3.678 невработени лица од кои само 2.227 лица активно бараат работа. За оваа бројка дури може да се каже дека е и пристојна, но еден друг факт состојбата ја прави крајно загрижувачка.

konfekcii 1А тоа е фактот дека од 2.227 активни баратели на работа дури 1.127 лица се постари од 55 години, што говори дека за нив нема и нема да има заинтересирани фирми за да ги вработата, зашто овие лица денес треба да се пред портите на пензионирањето, а дел од нив и веќе пензионирани. Тие можат само да чекаат да исполнат услов за социјална пензија која и ја ветува владата на Заев.

Лица кои би можеле да сметаат дека некоја фирма ќе пројави интерес за нив само поради годините на возраст, односно лица активни баратели на работа кои се на возраст од 15 до 34 годишна возраст се само 397 на број!

Општина Штип во вкупната бројка од 94.721 невработено лице во државата кои активно бараат работа учествува со 2,4 проценти.

Меѓу невработените доминираат оние без образование – 978 лица, по нив следат лица со средно образование – 567 лица, а на третата позиција се лица со непотполно средно образование, а ги има 291 лице. Меѓу невработените се и 27 магистри и тројца доктори на науки.

Од другата страна на оваа приказна е штипското стопанство кое се соочува со недостиг од работници, на кого пред се му фали квалификувана работна сила. Тоа не е случај само во текстилната и чевларската индустрија туку и во многу други сегменти од стопанската сфера.