ШTИП: Заразната лајшманиоза, болест која се пренесува од кучиња, однесе еден живот, нови три заболени лица

Д-р Светлана Живкова

Штип, 28.12.2018

Пензионерка од Штип на 65 годишна возраст починала, а три лица од овој град се заболени од опасното паразитално заболување чиј извор на зараза се кучињата, независно дали тие се скитници или домашни миленичиња. Во штипскиот Центар за јавно здравје велат дека и само еден заболен од ваква болест е трагедија.

„Покрај починатата пензионерка во последните три месеци од оваа година  ние се соочивме и со три нови заболувања од кои едно во текот на минатиот, а две во текот на овој месец. Во месец номеври имавме заболено женско бебе на едногодишна возарст, а овој месец веќе имаме две заболени лица од машки пол, едното на шест а другото на 69 годишна возраст. Ниту едно од овие лица не поседувало куче како домашен миленик“, вели д-р Светлана Живкова од Центарот за јавно здравје.

Оваа ситуација во Центарот за јавно здравје се оценува како алармантна. Според д-р Живкова, децата се најзасегнатата категорија од популацијата бидејќи се со послаб имунитет, иако, во последно време, таа граница е поместена и кон повозрасните генерации. Пренесувач на болеста е таканаречената песочна мушичка, која е со големина од една третина од големината на комарецот и поради тоа тешко се забележува со голо око. Оваа мушичка цица крв од заболено куче, а потоа паразиот го пренесува од кучетот на човекот.

„Болеста е со долга инкубација , се карактеризира со малаксаност, намален апетит и слабеење на црниот дроб и слезината и пад на сите елементи од крвната слика. Бидејќи ова паразитално заболување потешко се открива додека да се открие минува драгоцено време, а ситуацијата станува се покритична“, појаснува д-р Живкова.

Заболените кучиња можат да се препознаат по тоа што слабеат, ги губат влакната од телото, имаат заматени очи, рани по телото и им растат необично долги нокти. Од Центарот за јавно здарвје во Штип предупредуваат дека секој сопственик кој ќе забележи такви симптоми кај своето милениче веднаш треба да го однесе на ветеринар. Најдобрата превентива е кучињата да имаат редовни ветеринарски прегледи зашто само така може да се спречи заболувањето кај нив. Бидејќи досега не е пронајден начин за лекување на ова паразитално заболување, од Центарот за јавно здравје препорачуваат таквите кучиња хумано да се еутанизираат.

Песочната мушичка (флеботом) се развива во депонии и на места на кои има распаднати органски материи. Затоа препораката е кучињата скитници да се приберат во стационари, на секое такво куче да му се направи скриниг, а кај  кучињата кај кои ќе се констатира вакво заразно заболување да се примени еутанизија. Засека друг начин на справување со кучиња скитници кои имаат лајшманиоза не постои, тврдат од оваа здравствена институција.

Стационарот за кучиња во Штип е веќе изграден по сите стандарди, до крајот на месец јануари идната година се очекува да ги прими првите „станари“ за хуман третман за што треба дозвола да дадат од Агенцијата за храна и ветеринарство. И во Штип кучињата ги ма насекаде, тие станаа голем проблем, како и во сите други наши градови.