„Авто атом“ ја укинува линијата за градски превоз, Општина Кочани најавува нов оглас за јавна набавка

Со известување упатено до Општина Кочани, превозникот „Авто атом“ најави дека од 1 август 2018 година ќе престане да извршува сообраќај на релацијата од селото Оризари преку Усова Чешма – Бавчалук, спојот на улицата „Бел камен“ со „Страшо Ербапче“ до Лесна индустрија и обратно.

Според „Авто атом“ причината за укинувањето на оваа релација е што таа, по интерните анализи на претпријатието се покажала како непрофитибилна и неисплатлива за натамошно изведување.

Оваа линија беше определена со одлука на Советот на Општина Кочани за организирање и субвенционирање на општински линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани, за период од 1 (една) година, сметано од денот на склучување на договорот со избраниот превозник во спроведена постапка.

Со оваа одлука Советот побара Општина Кочани да учествува со 50 % во цената на билетот кој на граѓаните што го користат општинскиот линиски превоз на патници им се наплатува по цена не повисока од 20 денари, а општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општина Кочани да го врши превозник избран во постапка, спроведена согласно пропишаните законски прописи.

Но, оттогаш досега беа поништени две постапки за јавна набавка за вршење на линиски превоз. При првиот распишан повик од Општина Кочани, превозникот „Авто атом“ побара 30 денари од билет, сума која не е во согласност со одлуката на Советот, а на последниот повик за оваа јавна набавка немало ниту еден понудувач за вршење на јавниот градски превоз.

По ваквата одлука на „Авто атом“, Општина Кочани најавува дека нема да се откаже од организирање и субвенционирање на јавниот превоз, па наскоро ќе излезе со нови предлог-решенија и линијата повторно ќе биде јавно понудена со можност да ја користат и други оператори.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе