Анкета на МЦМС: Расте заинтересираноста на граѓаните да се вакцинираат против ковид-19

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во рамките на истражувањето  „Ковид-19: една година стравови, очекувања и желби за враќање во ‘нормала’“ преку анкета ги провери ставовите на граѓаните поврзани со здравјето и со другите состојби што ги предизвика болеста ковид-19, информираат од МЦМС.

Резултатите од истражувањето покажале дека половина од испитаниците целосно и донекаде имаат доверба во новите вакцини (50,4 отсто), а 49,1 отсто донекаде и целосно немаат доверба. Етничките Албанци имаат поголема доверба во вакцините (67,5 отсто) во однос на етничките Македонци (44,5 отсто).

Повеќе од половината (56,4 отсто од анкетираните лица) одговориле многу веројатно, односно веројатно е дека ќе се вакцинираат. Ова е зголемување во однос на анкетата спроведена во декември 2020 година кога 38,7 отсто од граѓаните рекле дека е многу веројатно или веројатно дека ќе се вакцинираат. Етничките Албанци (73,1 отсто) изразиле поголема веројатност за вакцинирање од етнички Македонци (51,7 отсто).

Големо мнозинство од испитаниците (73,5 отсто) сметаат дека Владата не реагирала соодветно и навремено при набавката на вакцините. Споредено со земјите во регионот, мнозинство од испитаниците (65 отсто) сметаат дека нивото за вакцинирање во Македонија е под стандардот.

Етничките Македонци се понезадоволни со степенот на вакцинација во државата, па 73,4 отсто одговориле дека нивото на вакцинација е под стандардот во регионот, што е за 30 проценти повеќе од етничките Албанци (43,4 отсто).

Што се однесува до мерките за заштита, речиси сите испитаници се согласуваат со потребата од носење на заштитна маска во продавници и затворени објекти (94,5 отсто), додека пак мнозинство од нив (61,6 отсто) сметаат дека носење на маска е потребно и на отворено.

Работата на матичните доктори е оценета позитивно од 81 отсто од граѓаните, додека работата на болниците и Ковид центрите од 68,5 отсто. Иако мнозински, најнизок е процентот на оние кои позитивно ја оцениле работата на Комисијата за заразни болести (54,9 отсто). Речиси поделена е оценката за работата на министерот Филипче односно 51,3 отсто сметаат дека добро ја врши својата работа, 47,7 отсто сметаат дека работи лошо. Кај премиерот Зоран Заев, побројни се оние кои рекле дека работи лошо (59,7 отсто), а една третина сметаат дека работи добро (36,7 отсто).

За потребите на МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект. Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 12 до 17 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1.003 испитаници.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе