БОЕВ ДО СТУДЕНТИТЕ: Гордејте се со својата професија

Штип, 18.09.2017

  • Се прават најразновидни напори да се омаловажат универзитетските дипломи, стекнатото знаење, стекнатата професија. Имајте на ум дека вие и само вие сте чувари на достоинството на вашата професија, во инспиративен говор им порача на студентите ректорот на УГД, проф.д-р Блажо Боев

Премала беше големата сала на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип да ги прифати сите студенти на универзитетот “Гоце Делчев“ на првиот академски час во учебната 2017/18 година. Студентите ги поздрави ректорот, проф.д-р Блажо Боев, со еден супер инспиративен говор.

Ректорот проф.д-р Блажо Боев им се обрати на студентите со ретко инспиративен говор
Ректорот проф.д-р Блажо Боев им се обрати на студентите со ретко инспиративен говор

Гордеjте се со својата професија која може да се стекне само со упорна и макотрпна работа, со одрекување, неспани ноќи и со повеќегодишно континуирано посакување на онаа што сакате да бидете во животот. Се прават најразновидни напори да се омаловажат универзитетските дипломи, стекнатото знаење, стекнатата професија. Имајте на ум дека вие и само вие сте чувари на достоинството на вашата професија“ – им порача ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, на студентите на свеченоста по повод првиот академски час во учебната 2017/2018 година.

Свечениот прв час се одржа во салата на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, каде што по обраќањето на ректорот Боев, новите студенти имаа можност да проследат и уметнички настап на извонредните Антонијо Китановски, Васил Хаџиманов, Никола Ристаноски и Гоце Саф.

Околу 2.000 бруцоши од денес го започнаа својот пат до квалитетно образование, а во своето обраќање ректорот Боев им порача дека иако во животот ќе се соочат со многу демотивирачки фактори и појави, сепак треба да веруваат во себе и да им овозможат и на другите да веруваат во нив, зашто звањето што ќе го стекнат со завршувањето на посакуваниот факултет ќе го стекнат со многу труд, ама уште поголем труд и напор ќе треба да вложат во стекнувањето на знаењето како да се носат со стекнатата титула.
2„Водете сметка за начинот на кој ќе се однесувате и кога не сте на своето работно место, водете сметка за своето облекување и својот став, на својот однос кон колегите, како и кон сите оние кои имаат потреба од вашето знаење. Ако себеси се девалвирате во сопствените очи тогаш и околината ќе ве гледа со омаловажување. Бидете горди, самоуверени, бидете подготвени да учите и доживотно да се усовршувате, бидејќи сте дел од оваа академија во која се градат вредности кои имаат траен карактер, бидејќи вие сте инженери, лекари, професори, адвокати, судии, новинари… – потенцираше Боев, кој се осврна и на улогата што ја имаат професорите.

„Почитувани професори, учете ги своите студенти да ја сакаат својата земја. Професорите по македонски јазик не треба да заборават дека тие се чуварите на нашиот јазик и култура. Често може да се слушне како професорите на своите најдобри студенти им сугерираат што поскоро да ја напуштат нашата земја Република Македонија. Почна да се подразбира дека најдобриот успех на факултетот е сигурна гаранција за напуштање на земјата, Република Македонија. Ајде да ја свртиме перспективата. Да им укажеме на најдобрите студенти дека треба да останат во Македонија, бидејќи тие како најдобри ќе помогнат таа да стане подобро место за живеење за сите нас. Да не им дозволиме да заминат и да ја препуштат земјата на секакви манипуланти и кариеристи. Да им кажеме на нашите идни студенти дека нивна животна задача е да се борат против живиот песок во кој тонеме. Да им го развиеме чувството за општествена одговорност и да им објасниме дека тие оваа земја ќе ја исчистат од сите нечистотии со кои е извалкана. Ако се потрудиме ќе видиме дека нашите студенти ќе нѐ послушаат доколку сме ние вистински професори во нивните очи.
Почитувани студенти, сакам да ве уверам дека семето на сите економски, политички, културни, морални реформи во оваа наша земја може да изрти само во семејството, но и во вашите предавални, доколку во нив има професори кои можат да бидат пример за вас како студенти.

Почитувани професори, дадете сѐ од себе содржините кои треба да ги претставите на часовите пред вашите студенти да ги направите разбирливи и интересни, задржете го вниманието на студентите. Ќе успеете во тоа само ако многу знаете, ако го сакате тоа што го работите и ако сте посветени на работата. Нашите студенти можат да го препознаат тоа, без грешка.

Почитувани професори, немојте да се осврнувате на тоа дека некои ваши колеги не се подготвуваат за часовите со студентите, дека некои ваши колеги ништо не работат, а земаат плата, не се осврнувајте на гниежот околу себе и немојте да се предадете. Нека вашиот час за студентите биде оаза на знаење во севкупната пустина, светла точка во темнината, зрно смисла во бесмисленоста, рече Боев..

На крајот, ректорот Боев порача дека сите заедно, и студентите и професорите, имаат мисија да го вратат авторитетот на Универзитетот и знаењето, а тоа не може да се постигне со ниту еден закон туку само со големата мотивираност на сите заедно.

„Доколку можеме да го направиме ова ќе паднат како домино сите пречки кои постојат кон подобриот живот во нашата држава Република Македонија“, рече Боев, потсетувајќи ги студентите дека тие се авангардата на ова општество и дека нивната сила и моќ е огромна, а нивната задача е од стратешка важност.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе