Бомбата кај Штип ќе биде уништена на лице место, в недела

Штип, 20.07.2017

  • Бомбата е со полнење од 70 килограми ТНТ, ќе биде уништена во недела како неработен ден, а можна е дислокација на околу 2.500 штипјани од  нивните домови заради нивна безбедност…

Голема бомба заостаната од Втората светска војна кој пред две недели беше ископана во близина на Штип, ќе биде уништена в недела и тоа на лице место. Така било одлучено денес на состанок  во Дирекцијата за заштита и спасување на кој биле претставници на АРМ, МВР и на спомнатата дирекција.

Бомбата е наполнета со 70 килограми ТНТ и како таква има голема разорна моќ. Но, пиротехничарите дале гаранција дека можат безбедно да ја уништат на самото место, иако имаше некои информации дека се подготвува нејзин транспорт до полигонот Криволак за таму да биде уништена.

bomba II svetska vojnaМестото на кое лежи бомбата деноноќно е чувана од припадници на штипската полиција. Но, во негова близина се наоѓаат повеќе индустриски капацитети, меѓу кои и фабриката Актива Ван Хоол. 13 конфекции, три бензински помпи, населбите Три Чешми и Пребег, а тука е и една винарска визба како и магацини, терминали и полициска станица. Токму поради тоа одлучено е бомбада да се уништи во недела како неработен ден.

01
Од деактивирањето на бомбата кај Бјалисток, Полска

Дали ќе има дислокација на дел од жителите од населбите Пребег, Железничка и Три Чешми не се знае, зашто такви податоци немаше кој да ни даде. Податоците за неделното уништување на бомбата ги добивме од Перикли Лазаров, началник на штипското одделение при Дирекцијата за заштита и спасување.За повеќе детали телефонски ги побаравме Шабан Салиу и Екрем Зендели, директор односно заменик директор во Дирекцијата за заштита и спасување, но контактот со нив стана невозможна мисија иако се работи за голем бебзедносен проблем по животот и здравјето на луѓето и по имотот на бројни инвститори за што истите треба навремено да бидат информирани.

Ако се покаже како неминовна потреба, ќе се изврши и дислокација на дел од населението. Проценките се дека околу 2.500 лица ќе мора да ги напуштат своите живеалишта додека пиротехничарите не ја уништат бомбата.

Само да се потсетиме дека на почетокот од овој месец, во близина на полскиот град Бјалисток, беше откриена бомба од половина тон која датирала од Втората светска војна. Заради безбедност на луѓето биле затворени 60 улици во пречник од 1.300 метри од местото на кое лежела бомбата и биле евакуирани над 10.000 лица

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе