Бранко, јави се Бранко!?

Има една народна: “човечкиот организам е составен од 99 проценти вода и само еден процен суета”.
Што може да направи само тој, само еден, процент?
Ршум, ршум може да направи. Потполно да го обезличи човечкото тело, а се плашам дека во СДСМ, тој – еден процент, е нешто повисок!
Тогаш!?
СДСМ е на прекретница. И ВМРО ДПМНЕ е на прекретница. Ајде, сите добронамерни и сите ние, на кои не ни требаат повеќе партиските јасли, да им помогнеме. Со тоа, ќе и помогнеме и на Македонија. Ако овие два столба се нишаат, тогаш и Македонија се тетерави. Без СДСМ на здрави нозе, нема да биде здрава и ВМРО ДПМНЕ. Се разбира и обратно.
Уценет СДСМ е исто и што и уценета ВМРО ДПМНЕ. Се разбира и обратно. Се разбира, од аспект на националните, а не партиските интереси. А, од тоа што кај нас партиските интереси надвладуваат, резултат е ќорсокакот во кој се најде земјата.
Мицкоски е во право кога вели дека на новиот лидер на СДСМ му треба нов легитимитет. Мицкоски мисли на брзи предвремени избори. И јас мислам дека треба да се оди на предвремени избори. Но, не сум сигурен дека јас и Мицкоски, подеднакво, мислиме за интересите на земјата. Тој, Македонија е гледа, најнапред, преку легнат СДСМ. Јас, пак, мислам дека Мицкоски треба, најнапред, да му помогне, да му даде временски простор и шанса на новиот лидер на СДСМ – да ја исправи партијата, дури потоа да ги вкрстат ракавиците во изборниот ринг. Тоа е витештво.
Но, за да му помогнеме сите ние на СДСМ, тоест на татковината, СДСМ треба, најнапред, сам да си помогне себе си. Сега е моментот. Избраа нов лидер, избираат ново раководство, ако сите им помогнеме, ќе изберат и нова влада. Сите заедно – за наше заедничко добро. И ние што сме истапиле од партијата доброволно и тие што, на еден или друг начин, биле нападени.
Никаде нема да стигмене со клекнат и уценет СДСМ и настрвена ВМРО ДПМНЕ – да го дотолчи! Утре само улогите ќе бидат сменети и “пак ништо!”. Тоа што го побара и доби Африм Гаши, синоќа, пак ќе го добие. Денес од СДСМ, утре од ВМРО ДПМНЕ. Ние постарите знаеме дека светот, во новото нуклеарно доба, го спаси само “рамнотежата на стравот”.
Господин Мицкоски и ти драг, од мајкина страна црвеновочанец – Николоски. Колку што можам да проследам, новиот лидер на СДСМ, најавува квалитено нов однос и третман на опозицијата, од аспект на вашето влијание во формирањето на јавното мислење. Тоа е новина кај СДСМ, новина на политичката сцена – воопшто Ајде, поддржете ја. За наше заедничко добро.
Да, во СДСМ и со СДСМ врие од криминал. Состојбата е поразителна. Погеледнете, само, со каков очај претседателката нна Антикорупциска комисија истапува пред јавноста, моли и “запомага” , и се ќе ви биде јасно. Институциите ги водат или Мито, или сестра му – Корупција!
Но, вриеше, Кристијан и Александар, и додека вие бевте на власт. Белким не сме заборавиле за “Сеад од Ибица!”, за – “да не се многу 18 милиони, бе, Миле!”, за… Патот, од твоето Кичево, Кристијан (со татка ти, Стојмира – последниот новинарски бард од Кичево, бевме колеги), до мојот Охрид, ќе не кошта како на Свети Петар кајганата, ама, сите заедно ја подготвивме. Од тој вртлог, ќе излеземе само заедно и само ако не се грееме на поразот на другиот. Другиот сме сите ние.
Бидејќи приказната за клекнатиот СДСМ е малку постара, прв, јавно, на теренот треба да истрча Бранко Црвенкоски. Извини ШеВе, ама морално беше. Од Тебе, и од Таа што беше до Тебе, започнаа падот и количењето на СДСМ. Ти си тој кој, во стилот на Ј.Б.Тито, го остави СДССМ во колективно раководство! Ти со тој што дозволи, а можеше да истраеш во помошта кон Радмила (скраја било дека ми е мила, но беше подобро решение и се ќе беше поинаку), за да не дојде Бучкоски на чело на СДСМ, а потоа и прв мегу министрите. Зошто се предаде на крајот и ги испрати Шема и Наташка на изборниот конгрес, да влеат заедно со него? Зошто испрати таква порака?
И Рада и Бучко се твој производ. Знам дека во Рада беше посигурен. Барем од лични побуди. Еве, “долијала је !” кума лиса, конечно, откако виде “колку е часот” во СДСМ, ја свитка опашката и замина. Сега е моментот да излезеш на јавна сцена и, со она што ти преостана од авторитетот, да го спречиш навлегувањето на бучковизмот го СДСМ. Всушност, да му помогнеш, да го охрабриш новиот лидер, еднаш за секогаш, да расчисти со Бучко, Иле и останатите твои пулени.
Заев тоа не можеше да го направи. Затоа и направи толку многу грешки. Дозволи (а можеби и “обилато” помогна) Бучко да ги одбегне заслужените решетки во Идризово, за потоа да оди “спроти ветерот” и народот ,односно да не го гледа очигледното јавно неодобрување, и, од Бучка да прави посредник со Софија. Да, тој е докажан “посредник!”, кога е во прашање Софија, но местото за тоа “посредништво! “му беше во Идризово, а не во Столицата!?
Заев, всушност, плаќаше долгови за локалните избори од 2005-та, кога ја доби довербата од Бучко за Струмица. После тоа се е познато. Дури и самиот ти, ШеВе, мораше да ги исправаш грешките што самиот си ги произведе во однос на Бучко, па, дури и Заев кога е во прашање!
Еве ти, ШеВе, последен поправен, последна шанса. Приграбија, охрабри се, излези, помогни… Ако мене не ми веруваш, верувај му на твојот Андреј Петров, кога вели дека “новиот лидер го отсликува расположението мегу членството на СДСМ”. Уште и додава:”Тој мора да расчисти со политичкиот клиентилизам и со корупцијата“. Ајде, да му помогнеме!
Сега ти е полесно, сега теренот е почист. Рада ја нема, нема ни да си го цепеш срцето – на кое чедо ќе му јадеш, односно откажеш деовербата. Знам сите прсти болат подеднакво, но, помогни го новото во СДСМ, за полесно да расчисти со старото. Ти знаеш најдобро што е, и, кое е злото во СДСМ.
Поранешниот пратеник Митре Зико, твој поделечен роднина и мој искрен пријател, претпоставувам, ти ја кажувал приказната за дабот. Што не издржал кутриот? Какви, ли, не ветрометинини? Ама, сепак, не издржал пред црвот кој го грицкал одвантре!! !
Ете, некои од црвите, излегоа сами, продавајќи ни “муда за бубрега!”, демек, од принципиени причини! Демек, според Азнавур: Il faut savoir quitter la table. Од трпезата се станува кога е најбогата и кога ти е најслатко.Тикви со расол: кога останаа уште трошките, а таа не е научена да живее со трошки!!!Таа и Бучко се од категоријата: со трпезата (јадењето) ти доага и апетитот (исто така француска поговорка)!
Еве ти прилика ,ШеВе, на новиот лидер да му помогнеме во намерата, како што вели, “да собере околу себе и партијата се што е квалитетно, вклучително и луге кои биле, а веќе не се членови (тоа не се однесув на мене лично), помлади и постари, секој што ќе даде придонес, со активно делување, но и со критичка мисла, став и совет”. Да му помогнеме да опстои на тоа, а со самото тоа, ќе внесеме нов квалитет, не само во СДСМ, туку и пошироко, во политичкото делување во земјата, за каква-таква, утрешна (или, барем-утешна!), демократија.
Пишува: Веле Митановски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе