Брегалница во втора лига, Бојаџиев ни на клупа за резерви

Штип, 19.07.2017

  • Советниците од ВМРО ДПМНЕ долго време си го фале својот сопартиец за тоа како ја водел ФК Брегалница, за денес да му го свртата грбот.Сите до еден!

m-angel-bojadzievАнгел Бојаџиев, директор на ЈП „Исар“ повеќе не е претседател на ФК Брегалница. На денешната седница на Советот на општина Штип нему му беше искажана недоверба. За големо чудо против негово натамошно останување на претседателската функција, покрај советниците од СДСМ гласаа и советниците од неговата партија ВМРО ДПМНЕ. Ова е првпат во изминатите четири години советниците од позицијата и од опозицијата да имаат ист став по барем едно прашање.

На Бојаџиев му се настрвија и едните и другите поради лошите резултати, односно испаѓањето на штипскиот фудбалски миленик од елитната фудбалска лига. Логично е тоа што во вакви случаи кога штипскиот фудбалски Титаник пропадна до дното на срамот, вината да се бара во капетанот. Но, барем за штипските, а и за нашите севкупни политички прилки не беше логично против „својот човек“ да гласаат и вмровци.

Социјалдемократите подолго време укажуваа на фактот дека во Брегалница нешто дебело не е во ред, на што од владејачките советници добиваа одговор дека нивните критики се од злоба бидејќи не биле власт. Дури тие го фалеа Бојаџиев за начинот на кој тој се грижел за ФК Брегалница, за денес да му го свртат грбот. Сите до еден.

Советниците од СДСМ потенцираа дека целокупното раководење на вемерето со градот донело само лоши резултати по Штип, и дека катастрофата на фудбалкиот клуб е едно од тие понижувања на градот пред остатокот од државата.

Ангел Бојаџиев пак силно им се налути на сопартијците. Тој изјави дека бил уценуван од некои од светниците на вемерето, дека не сакал да ги исполнува нивните желби зашто не биле во рамките на законот…-„Ова што ми се случува на денешната седница е резултат на таквата ситуација, на уцените… Ако советниците толку го сакаат клубот нека си плаќаат влезници за натпреварите на кои доаѓаат, а нека си платат и по 600 денари за нивните деца кои тренираат, што тие не го прават, а го прават сите други меѓу кои и јас кој најуредно си плаќа за своето дете“, рече Бојаџиев.

Во Штип пак цел месец се говори за нарушени односи помеѓу градоначалникот Захариев и Ангел Бојаџиев. Проблем бил некое решение кои Бојаџиев како директор на ЈП „Исар“ требало да го потпише за Захариев да може да реализира некоја своја желба. Бојаџиев одбил зашто со својот потпис би се изложил на можна затворска казна од три до пет години. По ваквата корпа позициите на Бојаџиев и на местото директор на ЈП „Исар“ биле прилично разнишани. Зашто Илчо Нарцис Захариев не трпи корпи, најмалку кога тие доаѓаат од негвоите поданици.

Дали отстранувањето од претседател на ФК Брегалница е увертира во уште поголема корпа, ќе се дознае наскоро….

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе