Бугарија интензивно го гради патот до граничниот премин „Клепало“

Договорот за пријателство, добрососедство и соработпка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија започна да дава конкретни резултати. Од бугарска страна, од кај градот Струмјани, започна интензивно да се гради патот до граничниот премин Клепало на македонско-бугарската граница. Овој граничен премин е на Малешевските планини. Тој требаше да проработи пред 25 години, зашто во 1993 година беше изграден современ пограничен објект на Клепало, кој требаше да го користат и македонските и бугарските гранични служби. Според договорот, Бугарија таков објект за двете гранични служби требаше да изгради на некој од другите два планирани гранични премина. Едниот од нив е преминот „Црна скала“ кај Делчево, до каде е пробиен пат од осум километри од македонска страна, а патот до Софија се скратува за 30 километри.

На граничниот премин Клепало
На граничниот премин Клепало

Неколку години по завршувањето на пограничната зграда бил завршен и асфалтиран и патот од Берово до Клепало, во должина од 16 километри. Но, и покрај тоа што имале одобрено и европски пари, Бугарија не почна со асфалтирање на патот од Струмјани до Клепало.

Денес, со значително подобрените односи, Бугарија експресно одлучи да го изгради патот од Струмјани до Клепало во должина од 28 километри. На трасата се работи секојдневно. Има најави дека овој граничен премин би можело да биде отворен веќе напролет. Според информациите кои ги имаме од Бугарија, по отворањето на преминот Клепало, ќе се пристапело кон проширување на преминот Делчево од бугарска страна заради негова модернизација.

Патото од Струмјани кон Клепало
Патото од Струмјани кон Клепало

Сите овие добрососедски активност се во рамките на членот 6 од Договорот за пријателство, соработка и добрососедство. Со овој член е предвидено двете страни да го поддржуваат зголемувањето на туристичката размена, како и развојот на соодветни форми на соработка во областа на туризмот. Двете договорни страни се обврзуваат да ги ги прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти, при што проектот Клепало е од приоритетно значење. Се работи за граничен премин за кој меѓу двете држави беше потпишан договор уште во 1990 година.

БАЛКАНИЈА   На овој проект со години упорно работеше  Балканија, балканска асоцијација за развој на алтернативниот туризам чиј претседател е Владо Србиновски кој и самиот има вложено многу труд и знаење Клепало да ги поврзе двете соседни држави за да се помогне нивниот развој…

„Сметам дека  овој проект кој е веќе во фаза на реализација  е од големо значење за регионот и за двете страни. Решава економски социјални ,културни аспекти и поради тоа заложбите на нашата асоцијација беа континуирани во минатиот период. Се надеваме дека конечно ќе дојдат очекувани резултати со што ќе се овозможи заживување на еден од најубавите региони во Македонија, регион со најголем потенцијал за развој на туризмот кој досега не беше соодветно искористен,  а тоа е преубавата Малешевијаљ “, вели Владо Србиновски, претседател на „Балканија“, балканска асоцијација за развој на алтернативниот руризам која најупорно со години работеше на реализација на оваа потреба..

Според Србиновски, отворањето на преминот Клепало одново е ставено на дневен ред во 2009 година кога „Балканија“ во Берово организирала меѓународен форум со учество на релевантни фактори од областа на туризмот.

„ На форумот како врвен приоритет се наметна потребата од отворање на граничниот премин Клепало  како силна потреба на локалното население од двете страни. Овој проект  беше  реален за реализација бидејќи на граничниот премин Клепало веќе  беше изградена ифраструктура  со комплетно уреден објект за таа намена и асфалтиран пат од македонска страна кој води до преминот. Од бугарската страна  беше констатирано дека треба да се уреди  пат кој води до преминот, а кој е во должина од 28 километри . Активностите за реализација на овој проект продолжија  и се формира работна група која во континуитет  продолжи со иницијативата.  „Балканија“ како координатор, подготви декларација со која  ја изрази намерата и заложбите на двете страни да се изнајде начин да се отвори овој граничен премин како првичен приоритет. Овие свои заложби „Балканија“ ги обзнани на прес конференција со медиумите во Скопје   Декларацијата ја потпишаа градоначалниците од Берово и Пехчево од македонска и Струмјани и Симитли од бугарска страна,  а како заинтересирани страни декларацијата ја потпишаа и ја подржаа сите релевантни институции од областа на туризмот од двете земји. Бугарската Национална Телевизија сними репортажа од 45 минути за состојбите ,потешкотиите на  населението, потенцијалите , можностите и придобивките од реализрање на овој проект со изјави на локалното население“, посочува Србиновски.

„Нас не дели само една планина- Малешевската. Одлично е тоа што Бугарија има обезбедено средства и веќе го гради патотот од Струмјани до Клепало. Кога ќе се отвори овој премин на само 45 километри од Берово ќе можеме да излеземе на автопатот Софија-Кулата кој води спрема Грција и спрема главниот град на Бугарија. Овој проект силно ќе ни ги отвори и можностите за развој на планинскиот туризам кај нас“, вели Пеќевски.

И познатиот туристички ескперт Славчо Сирачевски, сопственик на туристичката агенција „Аурора“ која на беровското езеро го има атрактивниот и светски наградуван истоимен есорт и спа центар, тврди дека со отворањето на преминот туризмот во Берово, Малешевијата и источниот регион ќе процвета.

„Ќе се случи многу поголем прилив на туристи од Европа но и од остатокот на светот. Голем број туристички организации од Банско и од Сандански, познати туристички места во соседна Бугарија, ќе ги промовираат и нашите туристички капацитети на истокот од Македонија зашто тоа ќе биде и од нивен интерес. Ние во Малешевијата посебно очекуваме зголемен прилив на туристи од Бугарија, кои во последниве години се едни од најверните гости на тукашните туристички капацитети“, вели Сирачевски.

                (Иван Бојаџиски)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе