Вечни волонтери

Виница, 22.05.2017

  • Колку посиромашен народ, толку подобро се владее.
 Пишува: Николина Атанасова, новинарка
Пишува: Николина Атанасова, новинарка

Велат од дома подобро нема. Чекај, а која дома? За многумина мои врсници добро решение беше да избегаат со мислата „Што можам да променам јас сам“. Дел од нив кои не можеа да променат ништо сами и одамна си заминаа, преку фејсбук статуси ја спасуваат државата. Таа одамна е продадена со  вашите бугарските пасоши. Ве експлоатираа и овде, ве експлоатираат и таму. Немам ништо против, секој сам одлучува. Среќно живејте си во европските земји, но ве молам не глумите некакви патриоти.

Неодамна кога едно момче се врати од странство ни рече: „Кога во Македонија немаш пари, имаш да јадеш, но кога немаш во странство, немаш ниту за леб“. Сепак што посиромашен народ, толку подобро се владее.

Треба да сме свесни дека проблемот со евтината работна сила е присутен на светско ниво, а на светот во моментот тој проблем многу му годи. Да не се живее, туку да се преживува. Ние младите интелектуалци не се срамиме да правиме сендвичи или да чистиме во европските држави како дел од светот на модерни робови. За да можеме да си го платиме школувањето додека студираме, принудени сме да ги користиме шансите што ги злоупотребува светот. Додека нашите родители си двојат од лебот за да не школуваат, во Македонија самостојностa е фантазија.

Полното CV, високиот просек, големото практично искуство и високите успеси ви нудат единствено шанса за волонтирање. Минималната плата стои само на хартија дури и за дел од партиските војници. Но владетелите не ја донеле државата од дома, па да си одиме. Се додека им молчиме, ќе мислат дека се во право.

Потребен ни е квалитет, а не квантитет на број. На секој независен интелектуалец дајте му шанса, без оглед на неговата политичка определба. Ако е задоволен од политичката ситуација, сам ќе допринесе за неа. Така ќе имаме рамноправност, која во моментот асоцира на утопија.

Во општеството среќаваме кадар кој прави основни банални грешки и не ги признава. Од тоа крајно се демотивирани млади, креативни и иновативни луѓе кои работат од срце и учат од грешките. Но на сите нас ни е потребно искуство и практично подучување од кој друг ако не од постарите.

После педесеттите години искусните работници треба да го обучуваат младиот кадар. Ние можеме да волонтираме, но не сакаме да бидеме вечни волонтери. Старосната граница е од 64-62. Политичарите би можеле да седат во фотелја и до 90, но колку градежните работници и текстилните работнички ќе дочекаат пензии? Дали тие луѓе некогаш ќе дочекаат да се разбудат и да немаат никакви грижи. Дали ова ќе стане земја на старци или земја на странци?

Од дома поубаво не треба да има, но Европа не чека, од волонтирање не се живее. Кога дома не ти е убаво, плукни и на државата в лице. Заслужила!

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе