Во Пехчево остануваат само старите и орлите

Пехчево, 07.02.2017

  • Да не се штипските фирми „Фагус“ и „Кит го“ во Пехчево ќе нема кој леб дома да однесе

 Да не остане покусо од другите и Пехчево ќе уредува индустриска зона. Според градоначалникот Игор Поповски ќе имало простор за нови фабрики од лесната индустрија, стоваришта, сервиси…

Убаво, нема што. Само останува централното прашање кој ќе инвестира во малото, убаво гратче на истокот од државата, кога таму се што може се исели.

Геолозите утврдија добри рудни резерви, еколозите не дозволија градба на рудник, младите си го фатија патот..

Исток прес неодамна донесе информација дека токму во Пехчево празни стојат 200 куќи, што е 20 проценти од целокупниот станбен фонд. Во добар дел од другите куќи живеат главно стари луѓе. Младоста пехчевска си го фати патот кон белиот свет во потрага по услови достојни за живот.

Во Пехчево, да не е штипската фирма „Фагус“ која изработува столици за цел свет и која вработува над 400 лица, ќе нема кој леб дома да однесе. И штипската трговска фирма „Кит Го“ со отворањето на хотелот „Гогов“ и супермаркетот придонесе ова гратче да понуди некаква шанса на младите. Другото е празна приказна.

Надеж младите пехчевци да добијат работа и навистина добра плата беше отворањето на рудникот за бакар „Кадиица“. На истоимениот терен руската компанија „Солвеј“ изврши геолошки истражувања кои покажаа дека експлоатацијата на бакар е можна. Проектот укажуваше на можноста од вработување на 150 млади лица, но се јавија екологисти и други институции говорејќи дека рудникот би ја загадило општината па проектот остана конзервиран за некои други времиња.

Веројатно за времето кога во Пехчево ќе останат само старите и орлите.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе