Во секого од нас “чувеците” има по неколку луѓе!?

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Синоќа, искажав неверување, шокираност, од информацијата што се ширеше по ФБ (дошла, наводно, преку Алсат М – за жал лично не ја слушнав!) дека мојот лекар и син на ,исто така, мојот лекар (како основач, или еден од основачите на Кардилошкиот центар во Охрид, на некој начин се вградил во можноста јас и денеска да можам да комуницирам со вас!), уште и внук на личен пријател со кого сум соработувал, значи Сашо Василевски, заедно  со Крсто Мукоски, ја “одменделил” капијата на Собранието, храмот на демократијата, кој во “крвавиот четврток” беше претворен во арена за крвав пир!!!

Очекувано, имаше доста коментари, човечки, но  и недолични. Ок, не сме исти! Убавината е во различноста, инаку, дури и самите цвеќиња, не би биле тоа!? Нејсе, сметам да издвојам за потребно, два коментара. На мојот пријател и парламентарен колега на Сашо, од спротивната политичка страна, генералот Илија Николовски, цитирам: Ако е тоа точно и за мене ќе биде тотално разочарување…и на пријателот, викенд-комшија, угледниот лекар, кардиологот-професор д-р Борозанов.

“Не знам зошто си ти изненаден…” e коментарот на професорот. И би сакал да одговорам, токму, поради, она нагласеното –ТИ.

Мал дел од одговорот е содржан во првата реченица, која, ете, прерасна во еден цел пасус.

Дел, од одговорот, е содржан во моето синоќешно прашање: Ако ова се потврди за точно, ако “еден мирен како бубачка” Сашо, доживеал таква трансформација, тогаш политиката навистина расипува, а особено апсолутната власт. Тогаш, како охриганец и книжевник, уште еднаш ќе се поклонам пред Пауло Коељо, кој во своето дело “Вештицата од Портобело” пишува: Оној кој еднаш ќе се напие од таа вода (помакедончено – од државна чешма!), никогаш пoвеќе не ќе може да ја згасне својата жед на други извори!!!

Мал, или поголем дел од одговорот, може да се најде во синоќешниот повик. Цитирам:  Го повикувам Сашо Василевски да се огласи и да го демантира или (сеуште не верувам!) да го потврди тоа. Сашо не се јави, значи дека не го прочитал мојот повик, не го “издексал”, го сметал за небитен и неважен (заедно со мене!), односно дека, најверојатно веќе ме избришал од ФБ-пријателите и со тоа (јас така го читам!) се приклонил кон оние “угледни” охригани (во животот не направиле ништо повеќе од рекет, лихва и крвави тепачки!), мене, веќе ме прогласија за “предавник” кого нема да го бесат “обихновено”, туку на ченгил!? Колку да се проверам, му испратив повторно понуда за ФБ-пријателство (нели не калкулирав за него да напишам дела е “угледен и од угледно семејство”, а пријателствував и со родителот на неговата сопруга – кумановец, еден од најуспешните и по мене најхумани тогашни стопанственици: секоја Нова година, вработените-од еден до последен имаа бесплатен празничен викенд во хотелот “Метропол”!), но до овој, момент, нема реакција!!!???

Една поранешна колумна беше сум ја насловил: “Груевски го врати ВМРО ДПМНЕ, во деведесетиите години!”.  Мислев, првенствено, на методите на неговото политичко дејствување, но и на неговиот човечки хабитус.Имено, во протестите “За заедничка Македонија”, повторно ги видов, истите фаци, од пред четврт век, како умилкувачки глумат “патритизам”, местејќи се пред камерите! Истите кои и тогаш го освојуваа Собранието и МРТ (постојат снимки од средбата: ги прими тогашниот генерален директор, мојот пријател Тихо Илиевски), истите со црвените беретки од охридските така наречени “Заштитни комитети”, кои изрекуваа (мегу другите и мене) смртни пресуди!? Значи, ништо не се променило. Како е можно Саше, “мирен како бубачка”, толку да се променил? Дали, кога би било можно враќање наназад – пред 25 години, неговиот родител, би можел да го замислам, мегу тој олош!?

Лучо Георгиевски, мојот ФБ и личен пријател (овдека да не скријам дека пријателствував и со татко му Томе, кој доагаше заедно со Лубчо во моето радио и во тогашната “Луцерна” наспроти “Летница” со мене пиеше капучино!), во една прилика, во пресрет на коалицијата со пријателот (одоводе до Вашингтон!) Циле Тупурковски, побара мислење од мојата дребност, во смисла: дали е на добро, или на лошо неговата дружба со Тупурковски? Му одговорив, во мој стил: Апсолутно, ДА, реков ќе ти ја оплемени партијата! По втор пат, се налути (еднаш сакаше да ми бега од сред радио емисија!), вели: Зарем ти мислиш дека сме ние дивјаци!? Ниту случајно, му велам, ама партијата ти ја препознаваат по тие и тие! Му ги наведов, де, имињата, на тогашните војводи, кои и денес се во првата линија на “одбраната”!!!Знаеш што, рече Љубчо: Јас кога ја правев партијата, не одев по аулите и амфитеатрите на Универзитетот, туку застанував на плоштадот во Струмица и првите што ќе ми пристапеја, влегуваа во општинските комитети!? Да, знам му велам, знам дека и кога  го правеше Централниот комитет, најповеќе гласови доби токму “војводата” од Охрид!?

Е, сега, како да го сместам во оваа приказна мојот лекар Саше? Дали е доволен одговорот што може да се најде во мислата на Гете од Фауст: Човекот има две души, една која го воздигнува во небото, друга која јо влече по земјата!? Или, во онаа на  Џозеф Конрад: Човекот може да уништи се во себе – љубовта, верата,омразата, дури и сомнежот, но додека е жив не може да го уништи стравот!(Се чу дека и Саше бил на распит околу финасирање на партијата кај преубавата Ленче од СЈО!), или, што би рекол пријателот Столе Андов: Во секого од нас “чувеците”, има по неколку луге!?

У помоќ!? Навистина, во мене лично, не го барајте целосниот одговор. Кога работев во Танјуг, мојот професионален Олимп, едно утро на Уредувачкиот колегиум во Белград, дежурниот уредник од претходната вечер, реферирајќи за неговото дежурство, покажа испратен извештај од еден колега од Македонија. Се обидувал нешто да стокми, шарал по маргините, и на крајот, со црвени букви напишал: „У помоќ“!?Да, имавме и такви “сјајни” новинари, кои во странство ги испраќавме “kако Македонци, а не како новинари!” (велеше тогашниот директор, Бог да му душа прости – Михајло Шарановиќ). Е, Шаране, Шаране, кога би знаел дека тогашните твои “новинари” , ги испраќаше преку океаните, по предлог на комунистичките симболи (Васка Дуганова и мојот драг пријател Боге Сотировски), а сега се “икони” на зидот од шампитата во центарот на Скопје, сигурно би се превртувал во гробот!

Има ли смисла, ова што ви го пишувам, може ли да се најде одговор, за главаната тема , во проказнава? Има, има, и те како има!

И сега, да не претерувам, ќе завршам со “хепиенд”, препишувам две анегдоти од мојата книга “Рани спомени”, за чичко Вани, дедото на Саше.

Првата: Носевме одлука,каде ќе минува колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро, проект од тогашно општо-југословенско значење, претседател на Советот за изградба беше пријателот од “Летница”,  Димче Беловски. Со чичко Вани бевме делегати-одборници во Општествено политичкиот собор. Тогаш општинските собранија беа “тридомни”: Овој што ви го наведувам, Соборот на здружениот труд и Соборот на месни заедници. Донесовме одлука, како подобра и поодржлива варијанта да биде-крајезерската: водата да се собира по колектор кој по природен пат ќе стигне до пречистителната станица во Враништа, после Струга.Откако изгласавме, влезе претседателот на тогашниот Извршен совет, Перчо Василевски и вели – не важи, гласаје  пак!? Се јави другарот Лазо и рече колекторот да минува по Туристичкиот булевар!!!

Нејсе, наваливме, глави, гласавме уште еднаш! Откако го изгласавме ископувањето на булеварот по целата негова должина, те уште дузина препумпни станици – со технологија и голема потрошувачка електрична енергија, чичко Вани побара збор. Не може, вели, претседавачот: Се јави другарот Лазо, одлуката е донесена! Нема да зборувам за одлуката, туку за Црногорците, вели чичко Вани:Фатиле да пробиваат тунел, од двете страни, ама не се сретнале, туку се разминале.Наместо еден направиле два!!!

И,конечно, завршувам со втората: Во тоа време во Белчишта, пред споменикот на Револуцијата, во моја (и на Трајко, и на Гордето, и на Ваљето, и на Ставрета!) борбена Дебрца, се славеше 4 Јули-Денот на борецот. Чичко Вани беше претседател на Сојузот на борци, јас директор на Радио Охрид. Ми се јави, вели: биро ќе ми напишиш реферат за Белчишта. Речено сторено-чичко Вани! Отидовме Белчишта, тогаш се собираше, многу народ, чичко Вани го чита рефератот и во еден момент нагласува: Дебрца беше БОЗА во Револуцијата! Е сега, “го ебав ежот”, си велам! Една буква една дупка, отиде директорлакот! Се симна чичко Вани  од бината, и речиси сосила му го зграпчив рефератот. Читам:Дебрца беше БАЗА на Револуцијата.

Има, ли ова некаква смисла, со главната тема? Оценката ја оставам на вас. Поздрав и среќен Први мај, ден на трудот!

 

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе