Газда во Виница исплаќал плата од само 1 денар!

Виница, 02.01.2017

Зоран Источки, сопственик на фабриката за трикотажа „Зона Трико“ во Виница, за месеците февруари, март и април 2016 година на околу 200 вработени им исплатил плата од по само еден денар, а по тоа време, се до месец ноември кога ја затворил фабриката, престанал со исплата и на ваков вид „плата“! Овој „висок износ за одговорен труд“ газда Источки го исплатил на 11 ноември, 2016 година кога и ја затворил фабриката. Ова, со приложување на документи, ни го рекоа дел од работниците во ова некогаш успешна виничка фабрика. Во ова меѓувреме, газда Источки, по цели 12 години какво-такво  опстојување во градот на теракотните икони, својот бизнис го преселил во Битола.

vinica„Осум месеци газдата не третира како негови робови, ова е невидено изживување да работиш за плата од само еден денар месечно. И згора на се тој тоа и не го крие бидејќи на нашите тековни сметки на кои ни ја исплаќа нето платата стои – ЕДЕН ДЕНАР“, ни рекоа група сега веќе поранешни работници на оваа виничка фабрика за трикотажа. Како доказ овие луѓе ни ги посочија изводите од нивните тековни сметки.

Според економските аналитичари оваа работа сопственикот на фабриката ја направил воден од потребата да ги задоволи законските прописи (обврски)  кон државата, односно да ги исплати придонесите.

„Државата има интерес само да си ги прибере своите пари. Во случајов сопственикот пред УЈП пријавил исплата на цела плата за која прво платил персонален данок а потоа на се заедно ги платил и придонесите по сите основи, а на вработените им го исплатил тој еден денар, зашто поинаку не ќе можел да ги „мине“ придонесите. Но, ако државата не ја интересира колкава реална плата добиле вработените тогаш тука има работа за синдикатот но и за трудовата инспекција кои треба да ги штитат правата од работен однос на вработените. Во овој случај големо е прашањето дали во фабриките има синдикат,  ако го има колку тој е во функција на работниците“, го коментираше овој случај познат штипски економски експерт.

Упатените во ваквите работи велат дека има газди кои на сметката на вработените уплаќаат по еден денар плата но остатокот им го исплатуваат на рака. Тоа се правело со цел да се платат придонесите не на реалната туку на минималната плата во гранката. Но, сега веќе поранешните работници во „Зона Трико“ тврдат дека освен тој денар на ниту еден друг начин не добиле пари за својот труд од својот газда за периодот од месец февруари се до ноемвриското затворање на фабриката.

„Ангажиравме адвокат и очекуваме по судски пат да си ги добиеме заработените пари. Се надеваме дека правдата во оваа држава сеуште живее“, ни рекоа луѓето со кои во Виница разговаравме.

Се обидовме да разговараме со некого во фабриката, на фабричкиот телефон ни се јави чуварот и ни кажа дека во фабриката нема никој. Исток прес е отворен и за сопственикот на „Зона Трико“ да ја каже и својата приказна за најмалата можна плата во Македонија.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе