ДЕЛЧЕВО: Киселичката пештера прогласена за природна реткост

Делчево, 10.09.2019

Киселичката пештера во Општина Делчево од денес е во семејството на природните реткости во нашата држава. За таква ја прогласи Министерството за животна средина и просторно планирање. Се работи за спелеолошки објект кој се наоаѓа во селото Киселица.

Од денес па натаму со неа ќе управува Општина Делчево. Општината ја има одговорноста да ги превземе сите неопходни мерки за оштетување или уништување на пе од физички или правни лица. Од општината соопштија дека градоначалникот Горан Трајковски веќе превземал мерки и активности за зачувување на оваа исклучителна природна реткост. Наскоро на пештерата ќе бидат превземени превентивно-заштитни мерки, ќе се уреди просторот околу неа и ќе се постават информативни табли како на патиштата кои водат до неа исто така и во кругот на самата пештера.

Иако релативно мала, Киселичка Пештера е значајна од повеќе аспекти. Таа претставува ретка регистрирана појава на пештера во источниот дел од Македонија, поточно во Краиштидната тектонска зона, каде досега се регистрирани само две пештери (Киселичка Пештера и Коњска Дупка). Дополнително е значајна и по нејзината појава во мал тектонски блок од тријаски варовници, чија разместеност е многу мала во источниот дел на Македонија.

Инаку, освен природната реткост Киселичка Пештера, Општина Делчево има во постапка  за заштита како природна реткост уште два локалитети, како локалитетот кај Стамер кој е познато палеонтолошко наоѓалиште на пикерминска фауна, како и карактеристичниот геолошки профил кај Звегор.

Претходно, во рамките на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) координиран од Helvetas Swiss Intercooperation и Фармахем, во партнерство со Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР), Општина Делчево изработи три елаборати за валоризација на природната реткост.

-Прогласувањето на овие три локалитети за природна реткост ќе придонесе за заштита на значајните локалитети, но и нивно ставање во функција на туризмот која е приоритетна цел во ЛЕР на Општина Делчево, вели Даниела Такева од Општина Делчево.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе