ДЕЛЧЕВО: Утре во Домот на култура промоција на Ѕврчки од Крум Николовски

 Делчево, 22.07.2020

Утре во домот на култура „Никола Јонков Вапцаров“ во делчево, во 20 часот, ќе биде промовирана книгата сатирични записи со наслов Ѕврчки на Крум Николовски. Промотор на ова интересно книжевно дело кое говори за определени наши состојби е сатиричарот Миле Ѓорѓијоски. Во својата рецензија за Ѕврчки, Ѓорѓијоски го пишува следново:

-Крум Николовски не е ново име во светот на македонската сатира. Тој во светот на македонската хумореска се појави далечните седумдесети години од минатиот век, со своите први хуморески во „Студентски збор“, за потоа неговата сатирична одисеjа да продолжи во „Остен“, „Нова Македонија“ и голем број фабрички весници. Неговата сатира уште во неговите први хуморески беше оригинална, со изграден сопствен стил, како да е долги години во оваа област, што е одлика само на автор на кој сатирата му е начин на живот. И денес се сеќавам на неговите први хуморески објавени во „Студентски збор“, кои беа најчитаниот дел од тогаш најпопуларниот весник меѓу студентите. Неговите сатирични каламбури беа негов препознатлив стил на пишување, со кој, тој се одвојуваше од тогашните автори на македонската сатирична сцена. Хумореските на Крум Николовски беа успешен спој на она народно итроманско поигрување со историјата, обичаите, социјалата…, ама сето тоа вешто спакувано како урбана сатира. Опсегот на теми, кои ги моделираше во својата студентска сатирична работилница беше голем, па често во свој стил, зна-еше своите сатирични боцки да ги насочи, кон обичниот човек, социјалните проблеми, историските теми и дилеми својствени за тоа време, и се разбира кон сѐ она што го опкружуваше како студент дојденец во македонската метропола.

Растргнат меѓу науката и сатирата, за жал на сатирата, а сигурно за среќа на хемијата, Крум Николовски се одлучи за она првото, па македонската сатира остана без голем број негови сатирични каламбурии сместени во неговите оригинални и со дух поли хуморески.

Ете затоа, место денес некој да ја пишува рецен-зијата за, не знам која по ред негова книга со хуморе-ски, јас ја пишувам рецензијата за неговото првенче во областа на сатирата. Во овој избор кој го направи самиот автор, а во кој се сместени сите хуморески што го обележуваат како автор, тој ни се претставува со 28 хуморески, сместени во три циклуси.

Книгава започнува со Историските ѕврчки, и се разбира со една од неговите најдобри хуморески „Сепак се врти“, која е сѐ уште свежа и оригинална како и во далечните седумдесети години, кога за прв пат се појави на страниците на „Студентски збор“. Неговиот специфичен приод кон една многу експлоатирана тема во сатирата и карикатурата, изнедри од него, една од најдобрите хуморески, не само негови, туку и во ерата на македонската сатира. Јас само можам да кажам дека, „Сепак се врти“ и денес после толку многу години кога сите знаеме, дека сепак се врти, мнозина ќе го паметат Џордано Бруно по оваа хумореска на Николовски, а не по она негово генијално „Земјата се врти“. Секако, тоа е само одлика на големи и оригинални автори во сатирата, кои оставаат белези не само во своите записи, туку и воопшто во сѐ она што се случувало во нивната подалечна, побли-ска, но и идна историја, зошто сепак еден ден сатирата сигурно ќе биде најрелевантната историја на човештвото, а Николовски е еден од ревносните пишувачи на таа сатирична историја на човештвото.

Во циклусот на неговите, но и наши историски ѕврчки, Николовски, си поигрува со Митот за Тезеј, Самуил, Маките на Филип, Стојан Параспурот, го продава чифликот на Кољо, сликајќи ја нашата изопачена реалност во своето криво сатирично огледало. За да заврши, очекувано за него, како мајстор од сатиричниот занает со една негова нова хумореска „Транскрипт од прислушкуваните разговори“, од која бли-ка сиот негов сатиричен раскош на автор од голем формат. Мнозина веќе сигурно не ги знаат  впечатливите ликови во оваа хумореска како Тито, Милошевиќ и Глигоров, но и нив благодарение на оригиналноста и докажаното мајсторство во градењето на оваа  хумореска, оваа тема ќе им биде омилен запис од оваа книга, и ќе им остане во сеќавањата како историска ѕврчка од сатиричната работилница на Крум Николовски. Во овој циклус авторот се определил преку своите историски сатирични записи да пишува заедничка сатрична историја, ама не само со соседите туку со целиот свет.

Тоа е прилогот на  Крум Николовски во осум хуморески за историјата на македонската сатира, после чие читање, може слободно да се констатира дека македонската сатира благодарение на Николовски, има своја богата историја, а знаејќи го него со децении, сигурен сум дека ова нема да остане само типична македонска, туку и балканска историја. Историјата се повторува, ама во комбинација со оригиналната са-тира на Крум Николовски таа добива една нова ди-мензија, свежа дури и за оние на кои историјата не им е омилена тема.

Вториот циклус се Студентските ѕврчки, во кој Николовски, во свој препознатлив стил, само со осум хуморески, ни ги открива сите тајни на својот, кој се разбира е и наш студентски живот. Крум Николовски го кажува она што на времето ние не сме смееле ни да го помислиме, а кое денес сме го заборавиле, или само се правиме, дека сме го заборавиле. Тоа е само еден од белезите на неговите хуморески, од кои дури и оние кои се пишувани пред многу децении, и денес звучат свежо, како да се пишувани сега, во некоја студентска соба во популарната „Катанга“. Иако од тогаш до денес студентскиот живот напишал многу романи, песни, но и хуморески, од кои се разбира оние на Николовски, секогаш ќе му одолеваат на забот на времето, и ќе бидат наша омилена лектира, иако читањето и не ни е баш некоја омилена работа. Јас во овој приказ за неговата книга намерно не сакав да потенцирам некоја хумореска бидејќи сум сигурен, дека кога сите ќе се поврзат во една целина прават еден оригинален синопсис за филм за студентскиот живот во времето на авторот, односно во далечните седумдесети години од минатиот век.

Во третиот циклус Социјални ѕврчки, Николовски во само единаесет хуморески, ни нуди прекрасен синопсис, овој пат за сатиричен филм во кој социјалата е доминантна, но интерпретирана во оној специфичен вокабулар на сатиричната азбука на Николовски, добива една нова димензија, далеку од ова наше сиво секојдневие. Колку со поголема почит зборува за обичниот човек, неговите теми и дилеми, иронијата на Николовски е поголема и поголема, и тоа на неговите социјални хуморески им дава една посебна, но препознатлива димензија, својствена за автор кој е мајстор во својот занает – сатирата.

Јас сум сигурен, дека ова сатирично патување исполнето со оригинални сатирични ѕврчки ќе биде ваша омилена дестинација, и оваа навистина ретка книга ќе си го најде своето заслужено место во не така богатата, но квалитетна библиотека со сатирични наслови во нашата македонска сатира, особено на наслови на книги меѓу чии корици се сместени хумо-рески.

Обично секогаш сум пишувал сосема кратки рецензии, знаејќи дека преку девеесет посто од оние што ќе ја прочитаат книгата, сигурно не ја читаат рецензијата, а и немаат потреба од тоа, бидејќи тие читајќи ја книгата, махинално си пишуваат свој приказ, своја рецензија за истата, што за мене е и најрелевантната критика за секоја книга.  Но овој пат ме понесе книгата и кога видов колкав приказ сум направил за историските, студентските и социјалните ѕврчки на Крум Николовски, мислев дека треба нешто да средувам, да кратам… Но после повторното навраќање не се ни обидов да кратам, ниту да го поправам текстот, кој го пишував во еден здив после неколкуте читања и анализирања на хумореските.  На голем дел од овие сатирични каламбурии на Крум Николовски се сеќавам уште од далечните седумдесети години од минатиот век, кога тој, иако почетник влезе на голема врата во македонската сатира. Дел од поновите сум ги читал од неговите објави на Фејсбук, а радува фактот што Николовски секој ден пријатно ги изненадува љубителите на сатирата со своите нови објави на неговиот профил. Јас најискрено се надевам, дека сето ова ќе се преточи во негова нова книга.

Се надевам, дека Крум Николовски сега како пензионер, ќе има слободно време да го среди своето сатирично наследство, и дека пак ќе нѐ изненади со нова книга, за негово добро, но и за доброто на македонската, и на сатирата воопшто.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе