ЕЛЕНА ГОЛОМЕОВА: Ќе ја изненадам публиката со обработка на стара македонска песна

23.06.2018

По 24 години од својот прв и последен настап во родниот Штип, сопранот Елена Голомеова одново е во градот од кој тргна во градењето на светската кариера на оперните сцени низ Европа. Елена во Штип, на 29 овој месец ќе го отвори Штипското културно лето 2018, со настап во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ придружуван од соодветен симфониски оркестар. За таа цел таа трипати во неделата патува од Штип во Скопје каде вежба со оркестарот..

Elena-Golomeova-1Со Елена изутринава разговаравме на (не)обични теми од значење за нејзината кариера.

Десеттина дена сте во родниот град, какво е чувството на една недела пред концертот?

Пракрасно! Сите овие денови јас силно ја почуствував емоционалната врска со мојот Штип. Голем број луѓе, познати и непознати, ме поздравуваат, се интересираат за концертот. Тоа е моја обврска плус на 29 овој месец да го дадам најдоброто од себе. Посебно ми е мило што одново ќе имам настап пред штипјани и тоа на сцената каде пред 24 години го имав последниот настап. Беше тоа во рамките на детскиот фестивал „Веселото штурче“ на кој ја пеев „Тина татина“.

Секој ден, по двапати, „тренирате“ пеење во салата во која ќе настапите. Морално ли е то?

Апсолутно дека се мора. Така правам пред секој настап, било каде и да е тоа. Го почуствував истиот мирис, ја почувствував таа синергија помеѓу ентериерот, столчињата за публиката и подиумот на кој во придружба на десетчлен орќестар ќе пеам…Ми се вратија убавите слики од детставото, од „Тина татина“, од преполнетата сала, од фанатичната поддршка која ја имав од моите сограѓани.

Сепак, секој ден тренирате и физички?

Да, трчам и вежам секој ден откако сум дојдена. Трчам поради кондицијата која морам да ја имам, зашто и пеењето исцрпува, зашто и оперскиот пејач мора да е во беспрекорна кондиција. Конечно, мојот репертоар го бара тоа. Но, мене ништо не ми е тешко, посебно не сега кога живеам за денот во кој после 24 години одново ќе се претставам пред моите штипјани…

Има ли разлика за еден оперен пејач кога пее пред преполна или кога пее пред полупразна сала?

Секако дека има. Иако и во двата случаи пејачот ќе го даде најдоброто од себе. Сепак, чувството е поинакво ако салата е полна, ако во неа нема празно столче…Таа глетка дава дополнителен мотив, енергијата е поинаква…Сепак, јас знам едно: колку и да има публика штипјани ќе уживаат во она кое ќе се случува на сцената.

За оперските пејачи се говори дека секое утро го започнуваат со пиење свежо, живо  јајце. Вистина или мит?

Не, не се работи за мит. Го има и тоа. Иако јас секое утро практикувам да се засладам со свеж лимон натопен во маслиново масло. Тоа најмногу му годи на грлото, на гласните живци… И тоа со свежите јајца е вистина,но од она кое се продава по европските маркети никогаш не си сугурен дека јајцата се свежи…

Каде живее Елена Голомеова? Во Ница или…

Сега повеќе сум во Париз. Само Париз си е Париз како град на уметноста, на бројни уметнички институции, на опери, балет, ликовни салони, книжарници, уметнички галерии…Иако во Ница ја започнав и ја изградив својата кариера.

Може ли да се живее од оперско пеење?

Оперските пејачи во Франција се слободни, не се во никаква институција. Но, 20 проценти од нив се во познатата „Куќа на уметници“ која се грижи за сите нас. Менаџерот на секој од нас договара настапи на оперските сцени, куќата се грижи за навреме да си ја добиеме платата, да ни бидат исплатени придонесите…Само хорот и оркестарот во оперските куќи се на плата…Јас имам многу настапи и можам да кажам дека имам убав, комотен живот.

Значи ли тоа дека животот на оперскиот пејач е прилично интересен?

Ни случајно не е така. Десет дена пред секој настап јас се изолирам, се осамувам. Нема излегувања, ресторани, кафулиња, дружења со драги пријатели. Тоа е правило број еден кај секој оперски пејач. Но, по настапот се опуштаме, иако и тоа не трае долго зашто бргу следува нова сцена, нов настап, нови проби, нови десет дена самотија и тренинг …

За крај од овој разговор за istokpress.mk, што ќе биде на репертоарот на 29 јуни 2018 година?

Главно тоа ќе бидат дела од француски автори. Но, јас посакав да обработиме и една стара, народно, многу позната македонска песна. Сакам убаво да ја изненадам нашата публика.

А тоа е?

Ако го кажам името на песната тоа нема да биде изнанадување. Да почекаме уште само една недела..

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе