Захариев со „пегличката“ го брани Грујо за мерцедесот

Штип, 16.06.2017  

На Илчо Захариев, штипски градоначалник, не му сметало тоа што неговиот лидер Никола Груевски, како премиер на држава во која живее најсиромашниот европски народ, купил мерцедес од 600.000 евра, туку му засметало тоа што Зоран Заев, новиот премиер, го искористил тој случај за да направи неколку споредби, меѓу кои и споредбата колку болни Тамари можеле да бидат спасени.

^E063A80679F67549F721A9AE3DDF5A7F8EB4456A6418D6903E^pimgpsh_fullsize_distrВо пост на својот фб профил, Захариев прави невешти замени на тезите, го брани својот политички умрен шеф за раскошноста и растрошноста на неговото владение, и притоа заборава еден ноторен факт.

Имено, кога пред четири години Илчо излезе како кандидат на вемерето за штипски градоначалник, на штипјани им ја продаде приказната за скромната природа на својата личност. Меѓу другото, кога веќе сме кај возниот парк, Илчо им порача на штипјани дека тој на работа ќе доаѓал со својот праисториски мал автомобил викан „пегличка“. Тој на граѓаните на Штип уште им појасни дека ова биле сиромашни времиња, дека народот немал што да јаде, дека политичарите морале да живеат најскромно и да не ги трошат парите на луксузирање, зашто за тоа народот ќе им пресудел.

Народот му пресуди на Груевски, но за јавноста останува отворено прашањето: Кој е вистинскиот Илчо Захариев? Оној „скромниот“ политичар за каков што се претставуваше пред четири години, или оној денешниот кој толку здушно го брани луксузирањето на Груевски кој во Европа, купил автомобил кој во својот возен парк го има само Ватикан?

Вистината за Илчо ќе биде откриена есенва кога народот ќе го симне од тронот поради неговите безвременски лаги од кои згасна еден живот, а беа упропастени животите на безброј семејства. Тогаш кога ќе му биде направена ревизија на неговото работење , кога обвинителствата и судовите ќе станат слободни и ќе делат правда наместо политика, ќе исплива на површина и неговата растрошност и жед за пари и секакви богатства за што во Штип наголемо се прикажува. А тогаш ќе го стигне и мечот на правдата.

Како што тоа се случи со неговиот ментор и умрен политичар Никола Груевски.

                                                                                                Ив.Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе