За името ми е зборот

Штип, 04, јуни 2018

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Владата предводена од премиерот Зоран Заев ја има докажано решеноста еднаш и за вечни времиња да ни го симне од вратот тешкото бреме во однос на името на нашата држава. Бреме кое од моментот на распадот на Југославија ни го натовари некоретниот наш јужен сосед Грција. Што би рекле србите – „Што сусед јужније, то стање тужније“.

Но, проблемот е тука, со него живееме 27 години, од неговото нерешавање не можеме да мрднеме од мртвата точката на која се најдовме во моментот кога раскинавме со бившата држава и кога стигна грчкиот ултиматум. Тоа ставање под тепих на проблем кој е нашата најголема кочница на патот кон остварување на големата идеја да станеме дел од цивилизираниот свет, да изградиме уредено општество, тоа е најголемиот грев на сите досегашни наши политички дејци. Без оглед на фактот кој од која партиска инсталација произлегувал.

Но, каква е денес нашата домашна позиција по однос на ова, за сите нас  судбинско прашање?

Актуелната власт е решена да го реши овој проблем. Зоран Заев е храбар и харизматичен премиер. Добро знае која е иднината на Македонија и кој пат треба да го фатиме на таа експресна магистрала кон Европското семејство. Тоа што премиерот прифати договор за името да ни биде Северна Република Македонија наместо Бивша Југословенска Република Македонија, тоа што во договорот името Македонија си останува, што нацијата е македонска, што се друго што ни е од значење ни е македонско, тоа е е најголемата придобивка во долгиот и мачен процес на договарање. Нешто што најголем дел од граѓаните не го очекуваа, а дел не го ниту сонуваа. Посебно оној дел кој денес се јавува како најгласен критичар на договорот помеѓу двете соседни држави.

Убеден сум, силно сум убеден дека тоа што Заев и преговарачкиот тим го изборија во преговорите со Грција да го избореше сегашната опозиција ние денес ќе имавме преполни плоштади на кои ВМРО ДПМНЕ ќе ја славеше „големата победа“. Од говорниците ќе слушавме пламени говори за „мудроста во преговарањето“, за заштитниот национален идентитет, за тоа што Македонија е во самото срце на името и се што тоа значи, и на тоа слично. Но, денешната опозиција силно се исплаши од преговарачкиот успех, а бидејки за вемерето секој успех за Македонија е неуспех за Партијата, тие кренаа голема врева, една негативна кампања со која и во која одново се обидуваат кај народото да го посеат семето на раздорот.

Јасно е дека ВМРО ДПМНЕ со сите остатоци на Груевизмот не сака Македонија да стане дел од уредената Европа. Ако тие тоа го сакаа во нивните 11 години тоа и ќе го направеа. Но нивната тактика беше: пред меѓународната заедница ќе се докажуваме како посветени преговарачи, а пред нашиот народ ќе раскажуваме друга прикаска со патриотска (според нивните мерила за патриотизам) нарација. Тоа говори дека тие никогаш сериозно и не сакале да го решат најкрупното прашање во однос на нашата иднина.

А не сакаа зашто имаат паничен страв од владеењето на правото и слободата на медиумите пред се и над се. Кога во нашата држава ќе се востанови вистински правен механизам нема да го има тефтерчето на Гордето (Г.Јанкуловска) од кое ќе се „цедат“ судии спремни да се заколнат на „верност до гроба“ на Партијата која ги поставила на места за кои не се. Па потоа да судат и пресудуват по теркот на налогодавецот а не согласно законите. Ако Македонија го решеше ова прашање и ги отпочнеше преговорите за влез во ЕУ, тогаш немаше да има „Он, жена му, децата, во колата па во ендек“ (Протугер, човек од кабинетот на Груевски како Брајан Де Палма режира убиство на семејство)!

Ако ги почневме преговорите немаше да имаме кандидат за градоначалник кој неговите сопартијци го титулираа како „Багабонт невиден“ (за Илчо Захариев ми е зборот). И пак, ако вемерето сакаше да бидеме европејци немаше да има „Сврти му ја главата накај клозетот, нека некој му ја притисне главата со чизма а камерите да снимаат“ (наредба каква да им биде осветата кон Љубе Бошковски). И конечно немаше да можат да командуваат со медиумитее во стилот „Началниче бе, па од 12 прилози во вестите 7 ни дојдоа од Владата) (разговор Мијалков-Латас за „слободата“ на куртонот „Сител“).

Во однос на јазикот, кој со договорот останува македонски, на вемерето треба со закон да му се забрани да го споменува тој важен сегмент. Забраната да важи се додека од Партијата не стигне извинување за Блаже Коневски кој од Милошоски беше наречен „Џуџето од Небрегово“. А Коневски не е било кој. Тој е самото срце на нашиот-македонски јазик. Тој е неговиот кодификатор и еден од втемелувачите на македонскиот книжевен јазик. До ден денешен не слушнавме извинување, па забраната за која пишувам погоре треба сеуште да важи.

Опозицијата оценила дека со договорот сме се откажеле од нашите во Егејска Македонија. Сме ги оставиле сами и незаштитени. Но, што за 11 години нивно владеење тие направија за Егејците? Се изборија ли за некои нивни права согласно светските стандарди? Не! Го поставија ли прашањето за нивната положба пред ОН? Не!  Всушност, интересот за тнр. „Егејско прашање“ допираше само до интересот на педесеттина нашинци кои имаат потекло од таму. Интерес да станат директори, пратеници, министри, да добијат удобно и доброплатено место.

Македонија ќе ја биде. Ќе ја биде пред се затоа што го има својот Заев кој маестрално и во интерес на сите кои живееме во ова наша убава држава ја води политиката. Нешто за што беше спремен да плати и со својот живот.

 (Колумната е објавена во најновиот број на Штипски глас кој пред читателите ќе се појави во петок)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе