За Куририте и за мојата политичка определба

Штип, 22.09.2017

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Порталите Курир и други некои курири денес објавија една дузина информација за мое инволвирање во политиката. Притоа, Курир, во стилот на сечено, лепено, монтирано, крпено, додадено и најмногу одземено ја дава на увид само половина од насловната страница на месечникот Штипски Глас на кој сум му издавач и главен и одговорен уредник. На горниот дел од насловната се гледа интервјуто и фотографијата на Благој Бочварски, кандидат за градоначалник на Штип од СДСМ и коалицијата. И таа половина е објавена кај Куририте.

Но насловницата си има и своја втора половина. Која Курир не ја „сликал“. Ја скратил зашто не му се вклопува во мантрата (лагата де). Не долниот дел од насловната е интервјуто со Влатко Миташев, претседател на Советот на општина Штип, истакнат член на ВМРО ДПМНЕ. Четири страници на Бочварски од СДСМ, 4 страници во Штипски Глас на Влатко Митеашев од ДПМНЕ! Поштено?

naslovna:Layout 1.qxdЌе прашате: зошто Миташев, а не Захариев кој е старонов кандидат за градоначалник? Затоа што тој никогаш не прифатил да даде интервју за Штипски Глас. Зошто е тоа така, куририте нека си го прашат него.

Курирот објавува и писмо од Захариев до Здружението на новинари на Македонија. Писмо во кое Захариев прашува: дали е дозволено Иван Бојаџиски да е координатор на регионалниот актив на новинари и да е кандидат за советник во општина Штип? Да ме прашал мене немало да се мачи многу. Јас од оваа неплатена позиција се повлеков кога решив да бидам на листата за советници.

За мене лично нема ништо спорно што посакав малку и политички активизам. Јас сум новинар во пензија, со оваа професија 24/7 живеам цели 54 години,  си ја сакам професијата и денес, а со многу мака издавам и градски весник. За Штип да не остане село без кучиња во печатените медиуми како што е тоа случај со државата. Моја лична проценка е дека на оваа држава, на мојот град и општина можам да и вбризгам додатна вредност ако малку и политички се ангажирам. Претпоставувам дека куририте и нивните подржувачи знаат дека позицијата советник во Општински совет не е професија. Тоа не е нешто за што ви се плаќаат придонеси, за кое секо утре во 7,30 мора да одите на работа.

Советник е една општествено одговорна позиција за која се добива определен хонорар кој во Штип е за двапати помал од оној во скопските општини. Па сега јас јавно ги прашувам куририте: зошто мислите дека учител, директор на училиште, професор на универзитет, доктор, директор на општинска или државна институција, локален бизнисмен може да биде советник, а новинар не? Дали сакате да кажете дека новинарската работа, по својата општествена одговорност, е над професиите кои ги спомнав? Ако е така зошто тогаш новинар работи за 200 евра, наставник за 400, а професор на универзитет за најмалку 750 евра? Знаете зошто? Затоа што куририте во македонскиот медиумски простор ја доведоа оваа тешка но бескрајно убава професија до ова дереџе. Толку за важноста на професијата која Вие и порталите како вашиот ја сведовте на – едно големо ништо.

Во текстот кој ми го посветуваат мене куририте со восклик пишуваат дека Захариев во Штип водел со 3:1 против Бочварски. Е, убаво де. Баш фино. Тоа Вам ви одговара. Тоа  е ваша желба. Вие знаете дека во однос на ова ништо не знаете, ама навивате. Тогаш што се буните што еден новинар посакал 4 години да се бави (и) со политика за со своето огромно искуство, знаење, храброст, чесност морал и со сите највисоки признанија од професионалната работа и ниту едно од политиката (ни најмалото, општинската награда) , со една книга-новинарски тестамент и со книга од областа на сатирата посакал, и преку ангажман во локалната политика, да и помогне на локалната заедница, а преку неа и на својата држава?

Она кое можам да им го ветам на моите сограѓани,а  кое сакам и куририте да го знаат, е тоа дека дека јас ќе бидам еден од оние кои ќе го покаже вистинското значење на институцијата советник. Институција која во Штип од нарцисоидниот градоначалник Илчо Захариев беше целосно „поклопена“ за што можете да се уверите ако го читате интервјуто во Штипски глас со претседателот на Општинскиот совет г-дин Миташев кој е од редовите на вемерето. Ги советувам куририте тоа интервју задолжително да го прочитаат за нештата да им станат целосно јасни.

Во исто време им упатувам покана на една јавна ТВ дебата по ова суптилно прашање на телевизија по нивен избор…. Повелете курири изберете…

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе