Илијев до Лефков: Војната против корупцијата почнете ја од себе!

Кочани, 24.07.2020

Миле Лефков, кандидат за пратеник од ВМРО ДПМНЕ во третата изборна единица денес со соопштение до јавноста го нападна градоначалникот на Кочани Никочо Илијев за незаконско постапување при реконструкција на зграда во центарот на градот. Тој го праша градоначалникот Илијев зашто при реконструкција на зграда која е во сопственост на фирма на градоначалникот не ставил информативна табла пред самата зграда. Притоа Лефков го обвини Илијев за корупција.

Бидејчи во само една недела Лефков на двапати го прозва градоначалникот Илијев овој денес жестоко му возврати.

-Ако сакате да водите борба против корупцијата мора таа војна да ја започнете од себе и да ги исчистите вашите редови. Зградата која е сопственост на ИНТ-трејд е стара повеќе од 35 години. Таму се врши замена на прозорци и други работи за реконструкција на внатрешноста. Нема доградба, нема пренамена, нема измени во габаритот, нема додаден ниту еден прозорец, за да има потреба од информативна табла и оградување на просторот. Но, правникот или не ги прочитал законите или намерно лаже!

Правникот Лефков или не ги прочитал законите или намерно лаже, поентираше Илијев.

Во време додека се изведуваат работите, објектот го посети инспекција, која не најде забелешки во работењето. За тоа постои записник.  Патем, на ниедна инспекција не ѝ е забрането да си ја врши својата работа. Се чини дека кандидатот за пратеник, поранешен директор на образовна институција, зборува за криминал и корупција водејќи се од начинот на управување од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во 20-годишното работење, ИНТ-трејд, кое не е заштитно друштво, нема користено никакви субвенции од државата и нема учествувано во ниедна јавна набавка. По различни даночни основи, има платено данок повеќе од 2 милиона евра, пари од кои вие, Миле Лефков и вашето семејство земате плата, како вработени во јавната администрација. Колку данок плативте вие, Миле Лефков и фирмите на кои бевте основач, или пак вашите сопартијци?! Редовното и уредно плаќање на данокот е најсилниот доказ за патриотизмот. Оној патриотизам со кој вие лажно се чукате во гради  е само за да дојдете до личен профит!

За начинот, чесното и одговорно работење на Општина Кочани, доказ ќе имате наскоро во форма на извештај од Државниот завод за ревизија, кој два месеци го анализира нашето работење, порача Илијев.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе