ИЛИЈЕВ: Продолжуваме со дејствија против нелегалниот такси-превоз

Кочани, 14.11.2018

Во врска со реакциите на такси-компаниите за постоење на нелегални таксисти и потребата од засилени сообраќајни контроли, градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев  ја даде следнава изјава:

–Пред една година ниту една такси-компанија во Кочани не ги исполнуваше условите предвидени со закон, ниту пак одлуките донесени од страна на Советот на Општина Кочани. Ние се зафативме тој дел да го доведеме во законски рамки и такси-превозот да функционира според законските прописи.

Досега Општина Кочани има издадено 45 лиценци за таксисти, и тие се легални,  а против нелегалните, се бориме, ќе се бориме и ќе преземаме мерки, сè со цел со овој проблем успешно да се справиме. Со контролата што ја вршат нашите служби –сообраќаен инспектор заедно со полициски службеници, секојдневно се интервенира и досега се пронајдени 6 нелегални таксисти на кои им се напишани соодветни пријави.  Овој начин на работа ќе продолжи и во идниот период и надвор од работно време, сè до конечно решевање на овој проблем.

Сите информации за постоењето диви таксисти се добредојдени, па и оние од легалните такси-превозници, но инспекторите можат да пишуваат пријави само на лица кои вршат нелегален превоз.

Од нашата намера да се бориме против незаконските дејствија нема да отстапиме,а секој што сака да се занимава со такси-превоз мора тоа да го работи на легален начин – соопшти Илијев.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе