Како Македонија мисли да враќа кредит од 82,5 милиони долари за „Злетовица“?

Штип, 16.07.2017

Изминува седмата година од моментот кога регионалниот хидросистем „Злетовица“ е предаден во употреба, а системот е сеуште далеку од тоа да биде користен за намената за која беше изграден, а што беше инвестиција во вкупна вредност од 120 милиони долари. Наместо во пет општини од регионот системот се користи само во две –Свети Николе и Пробиштип. И Кратово е дел од оваа приказна но оваа општина пред 40-на години сама си го реши прашањето зафаќајќи води над браната „Кнежево“.

Штип, како најголема општина за чие водоснабдување се наменети дури 500 литри вода во секунда, што е половина од количините кои  ќе бидат испорачувани на сите шест општини (вкупно 920 литри вода во секунда) одбива да ја користи водата. На одговорните во локалната власт водата им била матна. Но, истата таа вода не им е матна на Свети Николе и на Пробиштип кои во моментов користат 90 литри вода во секунда. На тој начин големата вода од 22,5 милиони метри кубни стои „заробена“ во браната „Кнежево“.

Main-1Овде имаме и други апсурди. Така, малата општина Карбинци, користењето го условува со ултиматум сама да си гради филтер станица иако штипската и е на дофат, а не се користи ниту со половина капацитет. Лозово чека на изградба на цевковод од Свети Николе.

Кредитот кој на Република Македоија и го даде Јапонската банка за техничка соработка со поддршка на Владата на Јапонија е во износ од 82,5 милион и долари. Како тој ќе се враќа кога системот одвај обезбедува пари за тековни потреби?

Тодорче Николовски, директор на ЈП „Злетовица“ чие седиште е во Пробиштип, во изјава за Истокпрес рече дека кредитот ќе започнел да се враќа дури од 2028 година. Но, факт е дека пред самиот крај на 2009 година, кога истекуваше рокот за првата рата, Министерството за земјоделие мораше да уплати 99 милиони денари како прва рата од кредитот. Стојан Миланов, тогашени директор на „Злетовица“ за медиумите го изјави следново:

Доколку Јавното претпријатие не остварува сопствени приходи, а ратите од кредитот од јапонската банка е досепан, тогаш според потпишаниот договор, државата, поточно Министерството за земјоделство е обврзано да ги помирува ратите се до постигнување на рентабилитет на Злетовица“.

Сепак, и седум години потоа „Злетовица“ е далеку од „постигнување рентабилитет“, а со тоа и од можноста сама да си го финансира работењето и да го враќа кредитот.

Седум години луѓето кои раководеа со регионалниот водоснабдителен систем информираа дека Европската инвестициона банка ќе ги кредитира(ла) втората и третата фаза од „Злетовица“ со што ќе се стигне(ло) до рентабилен регионален  проект. Вакво уверување беше дадено уште пред седум години, кога во Македонија пристигна заменик генералниот директор на Европската инвестициска банка. Се разговараше за (не)можностите „Злетовица“ да си го враќа кредитот но и за евентуално кредитирање од оваа банка на двете наредни фази.

Техничката документација за двете фази беше доверена на шведско-бугарскиот конзорциум „Свеко“, а истата требаше да биде готова до крајот на 2015 година. Но, од тој зацртан датум изминаа 19 месеци, а документацијата сеуште не е доставена до ЕИБ. Во месец ноември, 2015 година, од „Злетовица“ имавме изјава дека се работело на усогласување на документацијата во однос на влијанието на двете фази врз животната средина. Тогаш директорот Николовски ни ја даде следнава изјава:

„Убеден сум дека сé ќе се заврши до крајот на месец јуни, годинава (2015) по што ЕИБ ќе го започне процесот на барање кредитори“.

Но, и до таа дата не се случи ништо. Овие денови првиот човек на хидросистемот ни изјави дека документацијата била на ревизија во Градежниот факултет и дека истата е во завршна фаза.-„Потоа документацијата ќе биде доставена до ЕИК банката која со еден милион евра ја финансираше изработката на самата документација“, рече Николовски.

Двете наредни фази ќе тежат околу 55,5 милиони евра. Од нив 36,5 милиони евра ќе бидат вложени во изградба на систем за наводнување на 4.100 хектари обработливо земјиште, од кои 3.100 во Пробиштип и уште илјада хектари во Кратово. Во реализацијата на третата фаза, со која е планирано изградба на неколку хидроцентрали, ќе бидат инвестирани 19 милиони евра.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе