КОЧАНИ: Градот на удар на криминал и вандализам

Кочани 16.06.2020

Од почетокот на овој месец, урбаната и комуналната опрема во Кочани многу често е на удар на насилниците.

Утринава, вработените во секторот Паркови и зеленило при КЈП „Водовод“ биле  непријатно изненадени, кога бараката каде што ја чуваат работната опрема ја затекнале разбиена и испразнета. Било констатирано дека се украдени сите косилки и алати за одржување на градското зеленило. Надлежните органи го истражуваат случајот.

Граѓаните пак, од неколку улици во Кочани утрово се соочија и со отворени шахти, па службите од „Водовод“ интервенираа за да не дојде до несакани последици кај учесниците во сообраќајот.

Викендов на удар на неразумноста се најде комунална опрема на улицата „Никола Вапцаров“, кај Атомските згради. Нов метален контејнер беше растркалан по блиските скали, а еден од реквизитите од детскиот парк беше преместен пред индивидуален објект од непосредната околина.

– Направивме проценка на штетата од кражбата на алатите и изразена парично таа изнесува 135 илјади денари,  тоа е штета што е направена на јавните пари, парите на граѓаните. Веќе се организиравме за да нема застои во одржувањето на зеленилото. Повикувам сите подеднакво да се однесуваме одговорно кон комуналната опрема, на која секојдневно забележуваме уништување и штети – изјави Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев при редовната дневна обиколка на локациите каде што има инфраструктурни активности, констатира дека вандалското однесување на детското игралиште во населбата Драчевик продолжува.

– За жал, и по две седмици откако беа утврдени првите оштетувања, граѓаните не реагираа на јавните повици за посовесно и поодговорно однесување. Со ова не се прави штета само на жителите од оваа населба, кои не стигнаа ни да се израдуваат на сѐ уште непуштеното во употреба детско игралиште, вака се прави штета на сите граѓани, бидејќи овие игралишта се градат со пари од сите граѓани. Ние како локална самоуправа ќе преземеме соодветни мерки, но ги повикувам надлежните органи сериозно да пристапат кон ваквото деструктивно однесување на поединци, од кои штета трпат сите граѓани – повика градоначалникот Илијев.

Присуството на вандализам во последниов период не е изолиран случај само во Општина Кочани. За засилени штети на јавното добро се пожалија и градоначалници од соседните општини, но и од целата држава.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе