КОЧАНИ: Реконструирани 2,4 километри од улицата „Страшо Ербапче“

Кочани, 07.12.2018

Завршува асфалтирањето на улицата „Страшо Ербапче“, којашто го поврзува Кочани со Пониква.Поволните временски услови и во декември дозволија да се реконструираат 2,4 километри откај крстосницата кон Пониква, на влезот во Кочани, до клучката кај Бели. Градежната механизација, во многу краток рок, само за три дена, го постави новиот слој на една од најпрометните улици во Кочани.

кочани улицаУвид во градежните активности изврши и градоначалникот Николчо Илијев, кој го изрази задоволството од поддршката од државниот буџет за подобрување на патната инфраструктура.

–За целосната реконструкција на овој потег добивме средства од Јавното претпријатие за државни патишта. Улицата „Страшо Ербапче“ беше во очајна состојба, сериозно оштетена, а  таа е една од најфреквентните улици во овој дел од градот,  каде гравитираат неколку станбени комплекси, јавни објекти, меѓу кои и болницата. Исто така таа е единствената сообраќајна врска со регионалниот пат Р1-309, поранешен Р-519, патот кон Пониква – соопшти градоначалникот Николчо Илијев.

По рехабилитацијата на единаесетте километри на патот од спортско-рекреативниот центар „Пониква“ кон Кочани, остануваат уште осум километри од регионалната делница кои, според најавите на градоначалникот Илијев, ќе бидат обновени во 2019 година.

(љ.а.)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе