КОЧАНИ: Се гради нова детска градинка во населбата Драчевиќ

Кочани, 15.03.2020

По Штип и Кочани добива нова детска градинка. Таа се гради во населбата Драчевик. Теренот го расчистува механизацијата на изведувачот „ВИА инженеринг“ од Вевчани. Претходно, теренот е подготвен за градба, ограден е, приклучени се вода и електрична енергија за градежните потреби.

Според стручните служби, работите ќе продолжат со ископ на темели.

Новата градинка во населбата Драчевик е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.

Според договорот, за изградба на градинката се предвидени 16 месеци.

Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека новата детска градинка ќе се гради по високи критериуми за животна средина, за што е вклучен  надворешен соработник од консултантска компанија, кој и во текот на работата ќе го следи почитувањето на правилата за зачувување на животната средина од страна на изведувачот.

Новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.

Новата градинка во населбата Драчевик ќе згрижува 130 деца од претшколска возраст, а се реализира во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги, преку Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Светска банка.

Љ.Ајтовска

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе