КОЧАНИ: Со ребаланс на буџетот општината ќе врати уште половина милион денари стар долг за училишниот превоз

Кочани, 15.11.2018

„Градоначалниче зашто Општина Кочани не доби  средства за раздолжување со кои би се покрил долгот на училиштата, кој во најголем дел се однесува на школскиот превоз“. Вакво прашање до градоначалникот Николчо Илијев постави  членот на Советот Лазо Митев

Илиев веднаш одговори:

–Се чувствувам горд што Општина Кочани не добива средства за раздолжување од Владата. Ние сме раководство кое се однесува рационално и одговорно со парите на граѓаните и така ќе биде и во иднина и ќе се трудиме да оставиме општина која ќе биде за пример. Следните општински раководители нема да имаат такви грижи и проблеми какви што имавме ние кога дојдовме на 25 октомври, со наследен долг од 76 милиони денари.  Задоволни сме затоа што го исплативме долгот и денес сме ликвидна општина и ги измируваме сите обврски кои произлегуваат од тековното работење. Оваа година за првпат нема да имаме пренесени долгови за наредната година, нешто што не било пракса досега, рече Илијев.

Градоначалникот истакна дека во образовните институции наследил долг од 43 милиона денари.

– Надлежните институции треба да кажат како и зошто настанал тој долг. Но, со она што ние го преземавме покажавме и докажавме дека може и трошоците во образованието да се планираат на еден друг начин. Значи, само за девет месеци вративме дванаесет милиони денари, нешто што беше незамисливо и за мене. До крајот на годината ќе бидат вратени вкупно 17 милиони денари долг само по основ на школскиот превоз. Тоа зборува за нашата одговорност и цел – училиштата да не бидат задолжени – потенцира Илијев.

ИЛИЈЕВ:  Исплативме наследен долг од 76 милиони денари, и сега сме општина без никакви долгови.

Во делот на инфраструктурата, реализацијата е над планирањата.

–Зборуваме за асфалтирање на 9 улици повеќе од предвидените со буџетот за 2018 година. Со нашето одговорно работење придонесовме фирмите коишто соработуваат со нас да немаат проблем во делот со ликвидноста и во делот на планирањето на нивните расходи. Сè што е сработено е навреме и уредно платено. Нашата определба е  Општина Кочани да биде ликвидна и да се бориме за најповолни цени и најдобар квалитет – нагласи градоначалникот пред Советот.

Говорејќи за значењето на поддршката од централната власт во капиталните инвестиции, а не во заемите за раздолжување, Илијев потсети дека Општина Кочани доби 102 милиони денари само за реконструкција на патот за Пониква, како и на  неодамна добиениот грант за проектот „Планински велосипедски рај“ и најави реализација на други проекти.

Изгласувајќи ребаланс на Буџетот, Советот на Општина Кочани на 18. седница ги зголеми блок-дотациите за основните училишта за два милиона денари, а за средните за 2,5 милиона денари.  Со измената на критериумите за распределба на блок-дотациите,  за СОУ „Гошо Викентиев“ беа одобрени три милиони денари, и 1,8 милиони денари за ООУ „Св. Кирил и Методиј“ за исплата на долговите за училишен превоз.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе