Манасиески, единствен од Македонија на Биеналето во Палермо

Охрид, 13. март 2017

 – Манасиески на Биеналето беше застапен со делото “Ти благодариме Мајко за твојот дар”, слика масло на платно изработена во 2017 година.

 Познатиот ликовен уметник Јордан Манасиески, кој живее и создава во Охрид, беше единствениот македонскиот учесник на Биеналето за современа уметност, кое, од 9 до 12 март, се одржа во италијанскиот град во Палермо.

На Биеналето беа претставени 60 избрани дела од европски и американски автори кои го одбележуваат современото сликарство во почетокот на 21 век, а го организираа познатите италијански куратори за современа уметност, Паоло Леви и Сандро Серадифалко.

17270188_10210255879085859_429356303_nМанасиески  на Биеналето беше застапен со делото “Ти благодариме Мајко за твојот дар”, слика масло на платно изработена во 2017 година.

Критиката го претстави сликарството на Јордан Манасиески, како современик чии дела имаат висока естетска и креативна вредност со музејски критериум.

Во ексклузивната печатена монографија од Биеналето ќе бидат презентирани селектираните автори, меѓу кои и Манасиевски.

Јордан Манасиески, сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Носител е на светски бројни признанија, како она од  Кембриџ, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е доделен медалот за „Личност на годината за 2013 година“, единствен од областа на уметничката дејност .

Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот. Во последниве пет години, тој ги освои Париз, Токио, Њујорк, Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди.

На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Мансиески ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиески ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“, во Скопје.

Владимир Величковски, професор по историја на уметноста, за  Манасиески ќе забележи: „Во најновата серија слики, авторот ја отфрла стварноста како директен предизвик, во интерес на создавањето слики од имагинацијата“.

(в.м.)

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе