Музеј на охридскиот бисер, украсниот елемент за многу крунисани глави

Охрид, 25.12.2016

Од денеска, градот Охрид, македонската туристичка и летна културна метропола, добива  уште една институција, која ќе биде незаобиколно катче за бројнитен туристи – Музеј на охридскиот бисер.

Во срцето на старото градско јадро, веднаш над катедралната црква Св. Софија, музејот го отвора познатото семејството Филеви од Охрид, кое, заедно со само уште едно друго – Тилеви, ги знае тајните во изработката на оригиналниот охридски бисер.

Сеќавањата на потомците на Филеви, велат дека приказната за изработката на оригиналниот охридски бисер, започнува во 1928 година, кога во ресторанот на нивните претци, со име “Велика Србија”, дошол извесниот Јован Субанович, емигрант од Русија.

Приказната  вели дека, тајната е донесена од Бајкалското Езеро, полно со ендемичен жив свет, исто како и Охридското, каде пак егзистира малата рипка – охридската плашица, која порано ја имало во изобилни количини и од чии седефни крлушки на кожата се изработувала емулзијата за бисерот.

Најмладиот наследник на семејството и традицијата, Михајло Филев вели дека во Музејот посетителите ќе може да го запознаат целиот процес на изработка на надалеку прочуениот охридски бисер.

Ќе бидат изложени оригинални алатки  со кои се изработуваат бисерите, фотографии од семејството од годините на почетокот на  изработката на бисерите, како и фотографии на личности од земјата и светот,  кои го купиле, или го добиле како подарок охридскиот бисер.

Мегу нив се и познати личности од светот на политиката, бизнисот и естрадата, но и многу, велат, десетина  крунисани глави, се до кралицата на Обединетото кралство Елизабета Втора.

Охридскиот бисер бил украсен елемент и за кралицата на  Данска, Маргарита, кралица на Холандија,Јулијана,  кралиците на поранешното српско, односно бугарско кралство – Марија и Џована, како и  за принцезата од Велс, легендарната Дијана.

Мегу другите, охридскиот бисер го носела и сопругата на Јоспип Броз Тито, Јованка, а во поново време, како подарок од Филеви, го добиле поранешната хрватска премиерка Јадранка Косор, сопругата на трагично загинатиот претседателк на Македонија Борис Трајкоски, Вилма Трајкоска, српската принцеза, Елизавета Караѓорѓевиќ и други.

(с.б.)

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе