Производителите на ориз губат 3 милиони евра

 Кочани, 04.04.2017

  • Причина – во браната Калиманци има само 67 милиони кубни метри вода, таа е исполнетa само со половина од нејзиниот капацитет. Во конечниот збир тоа ќе значи 3 милиони евра помалку пари во семејните буџети на производителите на ориз

Пролетва нема добри вести за производителите на ориз во источниот дел на Македонија. Наместо планираните 5.100 со белото злато ќе бидат засеани 2.000 хектари помалку. Лошата вест на земјоделците од општините Виница, Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Карбинци, Штип и мал дел од Проб иштип ќе им биде соопштена најдоцна во текот на утрешниот ден.

DSC_2820„Ние денес ќе го донесеме новиот, редуциран план на површините под ориз и за тоа во неколкуте наредни денови земјоделците од регионот ќе бидат известени“, ни изјави Николчо Гоцев, директор на ЈП Водостопанство „Брегалница“-Кочани кое претпријатие стопанисува со водите од Брегалничкиот хидромелиоративен систем.

Причина за овој хендикеп на земјоделците е полупразното вештачко езеро „Калиманци“, што може да се види и од нашите фотографии.

„Во браната има акумулирано само 67 милиони метри кубни вода, што е речиси на половина од можниот капацитет зашто „Калиманци“ има моќ да акумилира 120 милиони метри кубни вода.  Во вакви услови ние немаме друго решение освен праведно да ја распределиме водата која ни стои на располагање“, истакнува за Истокпрес  директорот Гоцев.

Планирано е водата да се заштеди на начин што годинава ориз нема да се сее на високите места и на песокливите терени, а ќе има значително намалување и на површините кај најголемите производители.

ЈП „Брегалница“ за пролетва планираше зголемување на водните капацитети со намера да се обезбеди вода за 5.100 хектари под ориз, што требаше да биде за 400 хектари повеќе. Наместо тоа, полупразното езеро „Калиманци“ стана причина за голем неспокој на оризопроизводителите. Ова бидејќи намалувањето на површините под ориз за 2.000 хектари, во конечниот збир значи помало производство за 6.000 тони оризова арпа, односно на 3.000 тони бел ориз. Во конечниот збир тоа за земјоделците би значело три  милиони евра помалку во нивните семејни буџети.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе